Дождовите, високите температури и влажноста на воздухот се причинители за болести и штетници во овој период од годината. Дали има потреба од превенција, заштита со препарати и други мерки за заштита, разговор со проф. д-р Биљана Гвероска од Институтот за тутун Прилеп.
Се чини дека секоја година си носи свои специфики поврзани со тутунската реколта, предизвикани од временските прилики. По сушата во пролетниот дел, обилните дождови предизвикаа главоболки кај тутунарите, како да се заштитат насадите?
– Оваа година е доста проблематична во однос на климатските фактори – почнувајќи од моментот кога се расадуваше тутунот, па се до овие берби.
Се добива впечаток дека секоја година ја следи одреден проблем- некогаш пламеницата, некогаш штетните инсекти, вирозите….Па, затоа секогаш следиме, апелираме и сл.
Во однос на болестите, секогаш е тука добро позната на производителите – пламеницата на тутунот.
Постојат неколку фактор-причини кога велиме секогаш може да се појави.
Нејзиниот предизвикувач е габата Peronospora tabacina a инфекцијата се остварува со летните спори-конидии кои се пренесуваат со дождот и ветерот. Нивното движење започнува од медитеранот и нагоре, што значи дека појавата на болеста во соседните земји, особено во нивните приморски краеви, е знак за опасност и кај нас. И затоа, почнувајќи од овој момент би ја потенцирала потребата од будност и следење на состојбата во околните земји и прогнозата за временските услови.
Врз појава на пламеницата особено погодуваат климатските услови –топла и влажна клима. Како најповолна за остварување на инфекцијата се смета дека е средно-дневна Т од околу 20-22 0С. Значи во периоди по поројни врнежи, а уште позначајно е – дождови од неколку дена кога времето е свежо и нема нагло затоплување, нема високи температури. Умерените температури, како значи, се поповолни.
Кои временски прилики се опасност за појава на пламеницата?
-Благото затоплување после дождовите е критичен момент. Значи, може да врне неколку дена, но во текот на денот температурата е доста висока – тоа е помала опасност. Умерените температури се поопаснии.
Она што особено е значајно- за развојот на болест не е толку значајна релативната влага туку – задржување на водените капки на листовите. Бидејќи водата е предуслов за ртење на спорите, водените капки би овозможиле нивно р’тење, односно инфекција. Тоа особено е опасно доколку имаме повигорни растенија, со доволно голема лисна површина за да се задржат капките. Оттука и поголема е опасноста во пораните насади, ако настапи ваков влажен односно, критичен момент.
Што треба да се направи, да се спречи или да се лекува?
-Прво и основно е –следење на временските услови. Особено што сега имаме некаква можност за тоа преку медиумите, софтверите на телефон и сл. Најава на влажни периоди, со умерена температура треба да ни претставуваат знак за предупредување. Но, секако, треба да се избере периодот на третирање. Најдобро е секако -доколку насадот е третиран пред зголемување на опасноста бидејќи по обилните дождови, не е можно третирање.
Добрата земјоделска пракса препорачува употреба на хемиски средства за заштита само кога е потребно, со следење на прагот на штетност. Во овој случај тоа е многу или практично невозможно, бидејќи самото име кажува дека болеста се шири многу брзо (како пламен) па последиците можат да бидат катастрофални. Оттука, посоченото третирање на почеток од неповолен период, при зголемена опасност, е оправдано.
Ова година, за среќа, по обилните или слободно да кажеме- преобилните дождови времето се стабилизира доста брзо, односно немаше подолг период на вакви поволни температури, како што реков, околу 22 0С туку дневните температури се искачуваа на 27-280С, а исто така тоа беа сончеви денови.
Обилните, поточно, интензивните врнежи пак, придонесоа водените капки да „немаат времеˮ да се задржуваат на листот. Во тоа исто така придонесе, тоа што, во еден од деновите од деновите дуваше силен ветер.
Сепак, тоа не е глобално за реонот на Прилеп, туку и во ризични површини –покрај реки, засенчени, локалитети со поголема релативна влажност и сл., ризикот за нејзина појава е поголем.
Опасноста ја намалува и тоа што тутунот веќе се бери, па така, има помала лисна маса, а со тоа и помала е можноста да се задржуваат водените капки. Во овој случај се врши проветрување односно, со тоа нема можност за задржување на водените капки и инфекција.
Потребно е подетално набљудување на целиот насад – во позасенчените краеви, делови со повлажна почва. Тоа е таа ситуација –значи таа може да биде присутна и кога во останатите делови не се забележува, а опасноста е тука.
Значи, во контекс на превентивните мерки, и генерално, во заштитата од пламеницата – потребна е постојана будност и претпазливост!
Какви хемиски средства да се употребат за заштита од пламеница?
-Во согласност со актуелната состојба околу регистрацијата на препарати, се препорачуваат хемиски средства за заштита, системични и контактни. Сеуште на пазарот се наоѓаат и се најупотребувани препарати на база на активната материја mancozeb(добро познатиот Ridomil, сега соразни трговски имиња односно негова комбинација со metalaxyl, benalaxyl) како и Acrobat- односно во комбинација со dimetomorph и сл. Но, се повеќе се препорачуваат нови препарати, нови активни материи кои се повеќе заземаат простор во заштитата на тутунот.
– Кои се други болести демнат како опасност?
Во овој период од вегетацијата на тутунот, поточно врнежливо време, исто така постои опасност од другите габни болести, но тие се поретки. Тука е кафената дамкавост (или народски жабино око, иако предизвикувачот е различен), но таа се појавува на презрелите листови. Затоа е неопходно бербата да се врши навремено. Во Прилеп, бидејќи секој лист е драгоцен и се бери, а тутунопроизводителите се искусни во однос на технолошката зрелост, овој проблем ретко се забележува. Но, тоа нека биде еден знак за будност за крупните производители. Значи, треба да се обрне внимание на навремената берба како превентивна мерка за болестите во нарените фази.
Со тоа би имале и двојна заштита. Ако бербата е навремено извршена, ќе се заштитиме од појава на алтернариозата, но и од пламеницата (поради претходно образложеното).
Тутунарите да користат само сертифицирано семе
Влажното време претставува опасност за појава на вирозите. Ваквото време пред се погодува за развој на плевелната вегетација, а тоа значи можност вирусот да се одржува на нив и да се пренесе врз тутунот.
Оваа година, бидејќи владееше еден влажен период при расадувањето, беше забележана појава на мозаик вирусот кај производители кои произвеле расад од семе кои самите го собирале претходните сезони. Производителите го занемаруваат, но тоа се одразува негативно врз квалитетот на туутнот. Затоа, еден апел до производителите не само оваа година, туку генерално- да не собираат самостојно семе туку да употребуваат само сертифициран тутунски материјал кој им го дава откупната тутунска компанија.
Што треба да се преземе за заштита од штетниците?
-Оваа година се забележува интензивен напад на лисна вошка и тоа не само кај тутунот, но и кај други култури.
Негативните ефекти од нивното присуство е познато кај тутунопроизводителите (врз квалитетот, извршувањето на бербата и сл.).
Но, штетниците на тутунот се преносители на вирусите и на тој начин доаѓа до појава најопасните вирози на тутунот како цртичеста некроза, системична некоза и др. Затоа, секогаш треба да се се следи состојбата со лисната вошка, како и тутунската болва.
Во однос на инсектицидите, секогаш треба да се има предвид не дека се намалуваат директните штети, но се сузбиваат појавата и ширењето на векторите со што тутунот се штити и појават и ширењето на вирозите.
Потребно е третирање со инсектициди. Во овој случај состојбата со запазување на прагот на штетност е полесна.
Со забраната за употреба на инсектицидите од групата неоникотиноиди (на пр. добро познатите Actara, Confidor, Mospilan и сл.) настана една незавидна ситуација во однос на нивната примена, особено што тие имаа одлична ефикасност а присутни се сеуште во малопродажба.
Но, сепак, на пазарот се појавија други инсектициди кои се декларирани како препарати со помала токсичност, а некои се препорачуваат и во органското производство. Се препорачува да се употребуваат такви инсектициди и тие да се во согласност со насоките на откупната компанија со која производителот има договор.
Дали по обилни дождови се препорачува третирање со препарати за подобрување на состојбата на растението?
-Тутунопроизводителите можат со примена на одредени препарати да му помогнат на растенијата за да ги совладаат негативните моменти и фактори што довеле до нарушување на хормоналната и општата физиолошка состојба. Станува збор за биостимулатори. Нивната општа примена се препорачува како превентива, преку јакнење на имунолошкиот систем на растенијата да се спречи појавата на болестите (и, во овој случај и негативните ефекти).
Потенцирам дека нивната превентивна примена е и оправдана и корисна во секоја фаза (не само по поплави, мразеви и сл.), бидејќи со тоа може да се зајакне имуниот систем со што би се одбегнала или намалила употребата на пестициди. Тие дури можат да бидат одлична алтернатива за хемиската заштита.
Но, во ваков случај, кога неповолните моменти не можат да се предвидат, пожелно е нивната примена да биде веднаш по невремето (секако ако е можно третирање, но треба да се настојува и примена на популарните во последно време -„батериски прскалкиˮ, со што донекаде ќе се реализира задачата).
Постојат бројни одлични препарати. Тие можат да содржат макро и микро елементи во различен сооднос; да имаат богат аминокиселински состав и протеини; хуминска киселина; хитозан; разни органски киселини; полисахариди, манитол и сл. Со нивната апликација, растенијата можат да ја надополнат штетата од нарушената апсорбција во такви неповолни услови.
Исто така присутни се биостимулатори со хормонална основа – содржат цитокинини, ауксини, гибералини. Улогата и примената на растителните хормони главно е во „нормалниˮ случаи. Но, сепак, со правилен, стручен избор на препаратот, познавање на неговиот физиолошки ефект, во зависност од фазата на растението, може да има полза.
Во последно време се појавија и препарати на база на brasinolid (антистресен хормон) кој воглавно се препорачува за стрес при ниски температури. Но, сепак и во овој случај може да има позитивно дејство бидејќи со својата активност доведува до рамнотежа во настанатиот хормонален дисбаланс.
Но, како што беше напоменато и на почетокот, примената на ваквите биостимулатори треба да биде што поскоро после неповолниот периодкако и со правилен и стручен избор во однос на составот на препаратот и неговото влијание, со усогласување на апликацијата со фазата на развој и условите на насадот и сл.