7.2 C
Прилеп
вторник, 3 декември, 2024
Пела Радио

Засејување на облаците, нов начин за заштита од град, како функционира?

Разговор со Раде Балабаноски, државен советник за радарска метеорологија при УХМР.

За прв пат во Македонија, годинава експериментално, е воведена одбрана од градоносни облаци со авионско засејување. До 2012 /13 год. во земјава функционираше противградобијна одбрана со ракетен систем кој што постепено застаруваше и од 2013 престана да функционира. Во изминатите 7 години земјоделците беа оставени без никаква заштита од градоносните облаци и бараа да се врати стариот ракетен систем. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одлучи во соработка со Управата за хидрометеоролошки работи, тоа да биде, за нашите простори релативно непознат начин – авионско засејување на градоносните облаци. На каков начин работи овој систем и колку е ефикасен, разговаравме со Раде Балабаноски, државен советник за радарска метеорологија при УХМР.

Како „падна“ одлуката за системот за авионско засејување?

– Од испитувањата во повеќе земји во УХМР дојдовме до заклучок дека еден од начините за одбрана од град е и авионското засејување. Во Грузија на пример има заштита со автоматски лансери, во Република Српска, додека пак на Балканот сеуште постои тој ракетен систем, но со надоградба со автоматски лансерни станици. Во Грција имаме авионска заштита од град и има еден дел во Австрија и во Словенија. Па така, оваа година после спроведениот тендер, избрана е фирмата Аеро клуб од Скопје, која што делува со 2 авиони. Започнавме некаде почетокот на мај со акциите за заштита, или поточно по 15 ти мај. Авионите можат да летаат до 5 – 6 илјади метри височина.

Какви средства се користат, штетни ли се за здравјето на луѓето, животните и растенијата?

 

– Употребуваме стандардно средство, сребро јодид, тоа е јако хидроскопско средство, кое што се употребуваше и за време на ракетниот систем, и се користи секаде во земјите за заштита од град. Тоа не е штетно за здравјето на луѓето. Станува збор за прашкаста материја, активни јадра кои се уфрлаат во облакот, со цел да се кондензира водената пареа врз тие јадра, врз т.н „Метод на конкуренција“ за да не се дозволи формирање на големи зрна на град. Со зголемување на бројот на јадрата, а за да се формираат помали зрна град, кои што, при паѓањето на земјата, од триењето со воздухот се топат. Така што или овие јадра се претвораат во капки на дожд или во најлош случај, ако добро и прецизно се уфрли сребро јодидот во зоната каде што се формира градот, ќе паднат мали зрна на град, популарно наречена кај нас суградица.

Колку време треба да помине за тој процес да се реализира, на каков начин УХМР ги насочува авионите за реакција?

– Ние имаме два радарски центри. Главниот радарски центар е во Тополчани, кој што е инсталиран 1992 год. и на Ѓуриште, во близина на Свети Николе, инсталиран 1984 год. Тие ни се малку застарени, но успеваме некако да ги одржуваме во кондиција, за да бидат во исправна состојба. Оваа година имавме неколку ситуации, меѓутоа навремено се реагира. Преку овие центри се откриваат градоносните облаци. Од како ќе дојде до формирање на градоносни облаци и ќе добиеме прогноза, од Секторот за прогноза при УХМР, ние сме активни тој ден, претпазливи и кога ќе видиме дека се формира градоносниот облак им даваме команда на пилотите да ги спремат авионите за полетување. За еден авион да дојде до Пелагонија, по нашата команда, му треба некаде околу половина час. Додека пак формирањето на градонесен облак во фаза кога е најјак, исто така трае околу 20 до 30 минути. Има случаеви кога реагираме уште пред да се формираат градоносните облаци и ги упатуваме авионите на тие подрачја. Авионите можат да летаат до 4 часа непрекинато. Се има неколку пати случено, тие да полетаат да се во атмосферата, меѓутоа не делуваат, бидејќи немало потреба за тоа и се враќаат во базата.

Земјоделците реагираа за време на сушниот период велејќи дека авионите ги растеруваат облаците. Колку можат авионите да делуваат на временските прилики?

Ова 100 % не е можно, еден авион кој што лета на 5 – 6 илјади метри да го растера облакот, со средството кое што се употребува. Сребро јодидот во некои држави се употребува и за симулација на дожд и некаде се постигнува 10 % повеќе да заврне дожд, посебно во есенските, зимските денови кога има недостиг на врнежи. Така што исклучена е секаква можност со авионот да се растера облак. Ние можеме да ги намалиме последиците од град. Се знае дека во секоја работа не може 100% да се биде успешен. Ова ни е прва година, може да има недостатоци, но ако се продолжи за наредната, сигурно би биле подобри, поефикасни и поискусни. Ова и за нас беше новина, зашто ние бевме научени на тој ракетен систем. Првите акции, дејства, и за нас беше невообичаено, а сега е полесно. Додека пак пилотите кои што работат за нив воопшто не е лесно. Замислете треба да влезат во тој дел од облакот каде што ние го испитуваме, по вертикала и по хоризонтала и ги насочуваме. Внимаваме по елевација (височина), растојание, каде да го уфрлат реагенсот, во кој дел од облакот, да биде што поуспешно дејствувањето. Пилотите веќе се навикнаа за да препознаат каде се тие сили за вшмукување на реагенсот. Тоа се искусни пилоти од Аеро клубот Скопје, кои што влегуваа многу смело во неколку ситуации и можам да ги пофалам.

Како се мери ефикасноста на системот, бидејќи и покрај вашето делување градот направи штети врз земјоделските насади?

Во Пелагонија на пример имавме неколку случки, каде што беше спречен град. Првото дејство ни беше на 20 ти јули кога што зафати град во долненско Заполжани и Вранче. После нашата акција, исконтактирав со жители во регионот на Дреновци, Забрчани. Имавме еден јак град Кукуречани, Крклино испукавме 15 палки, беше спречено да се прошири градоносниот облак кон Могила, Новаци кон обработливото земјиште. Имаше случаеви кога не дејствувавме, пример во мариовско, а имавме информации каде што падна огромно количество на град, но таму е планинско и нема обработливи површини.
На почетокот и ние не бевме сигурни дали ќе имаме успех, бидејќи се работи за прва година. Сега можам да кажам дека постигнавме доста успех во одбраната од град. Тоа ќе го покажеме кога ќе заврши сезоната, кога ќе видиме колку е потрошено реагенс, колку палки се потрошени, колку денови бил анганжманот,колку има штета. Оваа година е таква што имаме зголемен број на градоносни облаци. Кога ќе се споредат штетите врз земјоделските култури, со процентот на штети со последните 5 – 6 години, тогаш сме биле успешни или не. Сега можам да тврдам дека имаме добар успех. Нашата анализа ќе опфати радарски снимки и кога е дејствувано, што ќе го презентираме по завршувањето на сезоната на крајот од ноември, декември.
Лично и јас бев скептик, но морам да кажам дека бевме доста успешни, и би требало да продолжи ваквото дејство и оваа одбрана од град. Можеби најдобра комбинација е со автоматски лансери, што значи кога нема да можат авионите ќе реагираат лансерите, но тоа е скапа инвестиција.

Каков е потенцијалот на Пелагонија, микроклиматски, за неприлики од град?Има ли потреба за посебна заштита, особено заради тоа што регионот има и спортски аеродром кај Мало Коњари за побрзо и поефикасно делување?

– Пелагонија како голема рамница има услови за формирање на јаки градоносни облаци. Ова, пред се’, бидејќи потенцијал за град е кога почвата е загреана и имаме продор на нестабилна воздушна маса, тогаш имаме услови за јака нестабилност. Пелагонија ги исполнува тие услови. Затоа повеќе градоносни облаци имаме токму тука, како и во Овче Поле, струмичко, гевгелиско, онаму каде што има повисоки температури, за разлика од охридскиот, полошкиот регион регион, или северозападна Македонија каде што има повеќе шума и почвата потешко се загрева. Аеродромот кај Мало Коњари беше во игра за дејствување на авионите и сега е во опција. Меѓутоа, од спортскиот аеродром во Скопје не известија дека е во доста лоша состојба. Пред неколку денови имавме ситуација, авионот да слета на спортскиот аеродром во Битола, бидејќи тие авиони можат да слетуваат и на тревнати површини. За да не мора да лета, 4 до 5 часа, кога имаме прогноза кога се најавува нестабилност, посебно во југозападниот регион, во договор со Аеродромот Скопје може да слетаат Битола или кај Мало Коњари. Ако продолжи овој проект, до година нас ни е во план, економскиот оператор, наместо 2 да има 3 авиони, со цел побрзо да се дејствува.

Инаку, ние сме мала земја но, со специфичен релјеф. Надморската височина гевгелиско е 60 м, додека 2 500 – 2 600 м. изнесува на неколку планини, Пелистер, Шапка, и некогаш имаме продор на фронтален систем, кога е полесно за дејствување и имаме создавање на градоносни облаци, локално, стационарно каде што се движат со мала брзина. Разни европски модели посебно на Балканот, е многу тешко да ги прогнозираат токму тие локални невремиња што зафаќаат, и затоа е најдобро да се реагира превентивно.

Би можело да ве интересира

Утре, вторник, напладне, средба на тутунарите со министерот за земјоделство

Гордана Цветаноска

Кој е виновен што гори депонијата “Алинци “?!

Елизабета Филипоска

Кога и како ќе гласаат лицата во самоизолација и болни од КОВИД 19 кои се во карантин?!

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе