Денеска, на 56 годишна возраст, ненадејно почина, како последица од Ковид 19, професорот по физичка култура, долгогодишен наставник во ООУ „Гоце Делчев“ Ристо Тошески Туло. Тошески, не само што со голема љубов го пренесуваше своето знаење за спортот и спортската култура на учениците, тој беше голем вљубеник во уметноста. Меѓу прилепчани ќе остане запаметен вечно по делата кои ги создаваше со голема љубов. Ристо е автор на мозаикот со ликот на Тоше Проески кој што се наоѓа во центарот на Прилеп, а беше откриен во Прилеп на 5-годишнината од смртта на македонската музичка ѕвезда. Тој самоиницијативно создаваше и други уметнички дела, мозаици, а познат беше и по уредувањето на неговото непосредно опкружување.
Ристо Тошески со својата ведрина, позитивна енергија, беше почитуван меѓу колегите, а остави зад себе многу генерации ученици кои со пиетет се сеќаат на часовите посветени на тоа како треба да се негува физичката култура, дисциплина, одговорност и почит.
Наставникот Тошески ќе биде запаметен како прекрасен човек, посветен на семејството, наставник и уметник по душа.
Погребот на Ристо Тошески Туло е утре во 12 часот на новите градски гробишта.