Во издание на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“- Прилеп доцна попладне беше промовиран „Зборникот на песни од прилепските автори“, издаден по повод 75 годишниот јубилеј на библиотеката, кој содржи 68 песни од 45 поети од Прилеп. Љубителите на пишаниот збор, како и авторите на песните, кои го отсликуваат актуелниот миг на поетскиот потенцијал на Прилеп, на платото пред Библиотеката попладнево другаруваа на отворено, повеќе од еден час.
Актерот Димитар Црцороски читаште стихови од авторите чии песни согласно со критериумите на оценувачката комисија во состав: Сузана Николоска, Сузана Ѓорѓиевска и Дарко Ристески, беа избрани на конкурсот за ова издание на зборникот. Со овој Зборник, Библиотеката го негува творечкиот, креативниот вруток на прилепските поети, но оддава и почит кон ликот и делото на врвниот македонски акварелист Илија Миноски -Мината (1936-2020)
Академскиот сликар Марјан Стојаноски се осврна кон творештвото на Миноски, а градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, како гостин, ја поздрави оваа поетска дружба, честитајќи им на поетите.
Прилеп имал и има културни дејци, талентирани и потврдени со многу признанија како поетеси и поети ,а библиотеката е центар на културните случувања низ децениите! Ова е дел од придонесот на оваа установа и роднокрајното творештво, кон македонскиот јазик, литература и култура, во годината кога се чествуваат 100 години од раѓањето на патронот на библиотеката, Борка Талески, кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески, македонскиот драматург Коле Чашуле и истакнатиот македонски културен деец, Благоја Корубин!