Со изјава за јавноста денеска се обратија од опозициската ВМРО ДПМНЕ по повод најавената промоција на кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ за Прилеп. Ја пренесуваме во целост:
“Денес во центарот на Прилеп, СДСМ ќе го промовирале Горан Сугарески како кандидат за градоначалник. Конечно после долги внатрепартиски превирања, одлучија кој ќе го понесе товарот за убедливиот пораз во октомври.
Ликот кој целиот живот го помина на функции, почнувајќи од пратеник во повеќе мандати, министер за транспорт и врски, Директор на Царинската управа, ликот кој со ништо значајно не придонесе за Прилеп и прилепчани во изминатите 20 години, сега ќе имал своја промоција и ќе ја барал поддршката за градоначалник? Да не беше трагично ќе беше смешно!
За потсетување, во 2018 година, Сугарески се пофали дека очекувал експресниoт пат од Градско до Прилеп да биде готов до 2020-та година. Дојде 2021 година, а изградбата на патот не само што не е завршена, туку истата не е мрдната од мртва точка! Уште една голема лага!
Прилепчани и бизнис секторот точно знаат кој наместо да ги искористи обезбедените средства за да го дозаврши веќе започнатиот проект што го наследи, ја стопира изградбата и со тоа залудно им потроши скапоцено време во нереализација на ветеното.
Прилепчани и бизнис секторот точно знаат и дека нема ништо од автопатот од Прилеп до Битола.
Во 2019 година, при посета на Прилеп од страна на Горан Сугарески и Анѓушев, беше кажано дека конечно било најдено решение и за Еурокомпозит.
Речиси две години после тогашната изјава на Анѓушев, вработените во Еурокомпозит не одат на работа и едвај крпат крај со крај.
Почитувани, ова е само мал дел од вистинската промоција на Сугарески која нема да ја слушнете денес на партиската трибина.
Но затоа, од друга страна ВМРО-ДПМНЕ како кандидат го има д-р Борче Јовчески, кој е човек без ниту една дамка во политиката, човек од народот и за народот, хуманист и филантроп, кој е спремен со своите капацитети да го врати Прилеп на правиот пат.”, се вели во изјавата на ОК на ВМРО ДПМНЕ Прилеп.
претходна вест