Интервју со Ирена ЈАКИМОВСКА, менаџер на прилепската текстилна компанија Комфи Ангел и претседател на Регионалната стопанска комора –Прилеп за одлуката за зголемување на минималната плата, за предизвиците со кои се соочуваат компаниите денес, за состојбата со бизнис климата во Прилеп и Пелагонија.
Радио Пела : Каков е вашиот став за одлуката минималната плата да се покачи на 18 000 денари и начинот на кој што државата ќе се погрижи ?
– Ставот на менаџментот на Комфи Ангел е дека и 18 илјади денари не е доволно за достоинствен живот. Меѓутоа, секое покачување и зголемување на животниот стандард мора да биде напоредно со зголемување на продуктивноста. Ние континуирано ја гледаме приказната од едната страна, меѓутоа секоја приказна има и друга страна. Можеме да имаме, особено извозно ориентираните компании доволно работа за да ги пополниме нашите капацитети, но ние мора да се бориме со високо конкурентски вредности и стандарди кои што ни се наметнати од страна на далеку поконкуретни земји кои што се со далеку повисоки продуктивности на трудот.
„18.000 не е доволно за достоинствен живот, но зголемување на животниот стандард мора да биде напоредно со зголемување на продуктивноста“;
За жал, ние како компанија постоиме 17 години, и во тие 17 години многу малку е направено по основ на зголемување на продуктивноста на трудот. Продуктивноста на трудот не е фактор кој што зависи само од работоспособноста од работникот, тоа зависи и од техничко – технолошкиот раст на компанијата и од системите кои што самата ги имплементира во таа компанија.
„Субвенциите за плата не се решение, тоа е континуиран трошок на државата, тоа се пари од народот и не треба да се даваат во приватните компании, тоа е нешто што се користи за гаснење на некој пожар и не смее да биде основа за работење“;
Тоа значи дека на продуктивноста на трудот на работникот влијае и самиот капитал, самиот работадавач и приватниот сектор – доколку инвестира повеќе во напредни технологии нормално ќе ја зголеми продуктивноста и ќе го зголеми профитот, и така зголемениот профит повторно ќе го врати назад кај вработените по основ на зголемен животен стандард. И третиот фактор, клучен исто така или мајката на сето ова, тоа е државата или државните институции кои што мораат да бидат вклучени во делот на пронајдување на идеалната формула на соодветна продуктивност на трудот во Македонија. Бидејќи и статистиката покажува дека континуирано зголемување на трошокот во една компанија,а виза ви тоа да го нема на другата страна, како што е зголемување на продуктивноста, сето тоа предизвикува намалување на ликвидноста на компанијата, непрофитабилност, губење на конкурентските вредности и сигурно дека ниедна држава не сака со ниту една мерка да донесе резултат на намалување и на онака малку приватни иницијативи, особено од страна на домашните инвеститори во нашата земја.
Затоа, нашиот став е дека ние како компанија независно од тоа кои мерки на субвенции ќе ги донесе државата, ние континуирано од нашите профити ќе ги реинвестираме во техничко – технолошкиот развој се’ со цел да може да ги зголемиме приходите и продуктивноста и да можеме да го изградиме животниот стандард на луѓето.
Радио Пела: Дали клучот лежи во субвенционирањето, постојаното субвенционирање и помош?
– Не, тоа е решение на моменталната состојба, бидејќи со тоа треба да им се помогне на компаниите да се преструктуираат. Државата може премногу да помогне во вистинската регулатива. Суштински да се променат нештата. На пример : во овој момент сите компании се соочуваме со недостиг на простор каде да имплементираме фотоволтаици, со тоа да ги надоместиме трошоците со енергија; прашање е дали државата има соодветно земјиште кое што на компаниите би можело да им го дава на концесија на користење колку што е векот на тие фотоволтаици 25 години без надомест, со брзи дозволи за изградба за да може да ги намалиме тие трошоци.
„Државата малку прави за зголемување на продуктивноста на трудот во Македонија“
Но, и регулирање на други законски регулативи од страна на државата се суштествени кои што ќе ни овозможат поедноставно работење; парафискалните давачки се нешто кое што не можеме да ги имаме во нашите буџетски предвидувања, кои што настануваат како резултат на одредени управни одбори од јавни институции и се контролирани преку државата, а секако во вакви големи компании како нашата и трудоинтензивни на голема сума влијаат доста негативно и многу други влијанија кои што државата ги има директно во продуктивноста на трудот.
„Образованието е клучно за настап на пазарот на трудот во услови на редуцирана работна сила “
Секако дека образованието е клучно и дефинирањето на тоа кој тип на образование и кој тип на стручни лица ние ќе ги произведиме за да може да настапат на пазарот на трудот. Во овој момент, ние како компании немаме таков производ. Значи тој производ треба да го најдеме и да го произведеме, бидејќи тој има цена, а ништо не ни гарантира дека тој производ ќе може да го имаме на располагање на извесен период.
Во моментов се соочуваме со зголемена понуда на работна сила најверојатно поради потребите на западноевропските пазари, што верувам дека тоа сигурно драстично ќе се промени во пролетниот период. Што значи нашите компании ќе се соочат со уште една друга горчлива ситуација, недостиг на работна сила, бидејќи очекувањата се дека голем дел од младата популација, за жал, ќе ја напушти Македонија и ќе оди или на привремена работа или на долгорочно работење во западноевропските земји каде што верувам дека ќе има веќе ослободени работни места. Значи, проблемот со работна сила, не само како работна сила, не само како редуцирана, генерално и непродуктивна, останува тука.
„Субвенционирањето на плати не е решение! Тоа е гаснење на пожар и не смее да биде основа за работа“
Затоа за да се надмине сето тоа треба сите три фактори (државата, работодавците и синдикатот ) да седнат на маса, како што седнаа и како што се договора за оваа висина на минималната плата. Треба да седнат и да договорат – како сега да ја зголемуваме продуктивноста на трудот, а не со субвенции на плати. Субвенциите не се решение, тоа е континуиран трошок на државата, тоа се пари од народот и не треба да се даваат во приватните компании, тоа е нешто што се користи за гаснење на некој пожар и не смее да биде основа за работење.
„Статистиката покажува: имаме најниска продуктивност на трудот во цел регион“
Тука е проблемот во приватниот сектор – ние немаме реална слика што значи нашата продуктивност, бидејќи зависи од многу фактори. Треба да се најде идеалната формула за се’ што влијае негативно на продуктивноста и мора да се отстрани за да може да работиме со чиста состојба. Статистиката покажува: имаме најниска продуктивност на трудот во цел регион.
Радио Пела: Генерално дали тоа значи дека клучот лежи во политичарите, бидејќи таму се носат одлуките. Дали има некакви сигнали во тој дел, во таа област да се почне од некаде, бидејќи очигледно сите овие кризи со кои сме соочени енергетска, здравствена, економска дополнително продлабочуваат состојби во економскиот сектор, но никако да се решаваат!
– Суштината на проблемот е во сите нас. Прво ние, можеби е филозофски ова што ќе го кажам, но треба да направиме промени и самите во себе! Кога вие правите интегритет од себе, пред себе и ја правите промената, верувајте ми дека ќе настани и промената и кај тој до вас и кај тој до него…Значи сите треба да ги направиме промените, тргнувајќи од себе. За жал, дозволивме не само во Македонија и во регионот и на светско ниво политиката да влијае во сите пори на живеењето, и тоа е она негативното. Значи тоа е светска тенденција, некои нови поредоци, против кои ние не можеме да се бориме. Меѓутоа, има и примери на земји кои што направиле драстични промени. Рапидно се’ бидува и овдека! И, сега може доколку се направат резови, тие се болни како сите промени, меѓутоа тоа е за иднината и за генарациите кои што доаѓаат. Бидејќи, ако не направиме промени денеска и овде, ние по 20 години, за жал, нема да можеме ниту да ја разговараме на оваа тема. Нашата филозофија е дека „Градиме компанија која што ќе постои и после нас“, меѓутоа со неправење на никакви промени и делување во некаква латентна состојба на инертност да се водиме дека „сите така прават, ќе правам и јас“ ќе се доведеме во ситуација да остариме и како нација и како компанија, а после стареење доаѓа процес на смрт.
Радио Пела: Како извозно ориентирана компанија, со кои проблеми се соочувате кога еве Европа се соочува со многу предизвици денес. Може ли да се очекуваат други пазари?
-Да, се соочуваме со многу предизвици. Но, во контекст на тоа можам да кажам дека ние сме прилично стабилни како компанија, па можеме да се носиме со вакви големи предизвици. Но, најклучната и најголемата е недостаток на репроматеријал, кој што е вештачки на некој начин предизвикан, поради дизбаланс на производството и потрошувачката. Од една страна на далечниот исток се прави целото производство, а потрошувачката е во западните земји. И сега, кога одеднаш настанува редефинирање на пазарите одеднаш имате и недостаток на стока, на репроматеријали, енормно зголемување на цената на континиерскиот транспорт што ја зголеми и цената на репроматеријалите. Ние значи сме работеле со ценовна политика, со однапред дефинирани цени, бидејќи работиме со големи купувачи и не може да им ги менуваш цените постојано.
„Кризата на вредности, кризата на моралот, немање на работна навика, немање на знаење, на основни методи и почитување сето тоа ќе донесе до уште поголеми последици ако не направиме драстични промени “
Имаме енергетска криза, се бориме во секој момент на дневна база да инвестираме во фотоволтаици зошто треба да се заштеди енергија и секако она што е најбитната и клучна работа на која што сите ние посветуваме многу малку внимание, а ќе ни донесе најмногу негативни последици, е човековата криза. Мислам на кризата на вредности, кризата на моралот, немање на работна навика, немање на знаење, на основни методи и почитување на работодавачот и на сето тоа ќе донесе до уште поголеми последици ако не направиме драстични промени овде и сега за генерациите што доаѓаат. А, ова е навистина една од најспецифичните години, меѓутоа јас сум многу позитивна и имам таква интуиција велам дека „уплашена година подобар бериќет“, меѓутоа верувајте ми, не само Комфи сите компании се соочуваат со страшно големи предизвици.
Радио Пела : Вие сте претседател на Регионалната стопанска комора во Прилеп, имаме нова локална власт, нова политичка структура, има ли некои раздвижувања кога е во прашање економијата и локалниот бизнис?
– Па, кога е во прашање економијата, ние немаме раздвижување можеби долго време, некои добри 4 до 5 години, за жал и тоа е погубно за една ваква средина, бидејќи пелагонискиот регион, посебно прилепскиот во одреден временски период имаше и недостаток на работници. Лично јас сум одела во руралните средини и сум ги молела луѓето да дојдат да работат, бидејќи бевме и во таа ситуација доведени. За жал никој не и’ обрна внимание тогаш на бизнис заедницата од претходната локална власт, а јас сега за засега, не сум се имала средба со новиот состав на локалната власт во Прилеп, но се надевам дека оваа нова локална власт ќе ја научи лекцијата – како не треба, и дека ќе сфатат дека тие се тука како услужна дејност, за нашите потреби, а не обратно, бидејќи средства и надоместот кој што го добиваат за своето вреднување на трудот се од нас. Ние како граѓани и како работодавачи преку даночната политика ги создаваме како дополнителна вредност, бидејќи парите на граѓаните како даночни обврзници и потрошувачи се враќаат повторно во Буџетот. И, треба конечно да сфатат дека народот е тој кој што ги плаќа, а тие му служат на народот врз основа на законската регулативата во Македонија.
Во ова време да сте претприемач е еднакво на тоа да сте народен херој!
Се додека администрацијата и таа структури тоа не го сфати ќе уназадуваме со раст и развој заради тоа што нам од локалната самоуправа ни се потребни дозволи за градба за да можеме да градиме објекти, да ги зголемуваме капацитетите, да вложуваме во економски развој, квалитетна патна инфраструктура, јавна чистота … За жал, можам да кажам само едно – да сте претприемач денеска е еднакво на тоа да сте народен херој, бидејќи борбата што треба да ја водите дали со надворешни ветрови, објективни, дали со внатрешни, дали со политички или администрација … е енормно тешка!
А, работа како претприемач е 24 часа одговорност – целата одговорност е ваша што и да направи некој внатре во компанијата. Затоа,потребно е сите да имаат волја за работите да ги поедноставиме, особено во овој свет на дигитализација, така што не ни треба 250 000 администрација. Тоа е трошок! Тоа се пари од заедницата. Не знам дали ние тоа го можеме, да ги намалуваме трошоците, но тие се драстични промени кои што треба да настанат. Има држави кои што ги направиле тоа, па доколку сакаме можеми и ние, само велам, треба да се сака.
РАДИО ПЕЛА: Најчестите забелешки од бизнис секторот од Прилеп се на неповолната инфраструктура. Инфраструктурното поврзување е една од најслабите точки на прилепската економија?! Вие сте извозно ориентирани.
-Жално е, жално е! Еве јас патувам на релација Прилеп – Скопје постојано, и јас и оние кои патуваа секојдневно, животот на овие патишта им е како руски рулет! Бидејќи она не е ниту автопат, ниту пат,а преминот преку Плетвар е секојдневен ризик. Токму и заради тоа, ние како компанија имаме зголемен трошок – заради недостиг на таа локална и регионална патна инфраструктура. Гледате и патот што е тука до компанијата, на главната улица „Александар Македонски„ каде што го користат речиси 60 % од компаниите од Прилеп , бидејќи ова е индустриска зона на нашиот град, е во лоша состојба и несоодејствува на потребите на компаниите кои користат за транзит на стока. Никој не ја ни спомнал некогаш оваа улица дека ќе се реконстуира, дека треба да биде проширена за да може да има велосипедска патека, соодветна сигнализација, квалитетен асфалт, без ударни дупки … Па зошто тогаш служат локалните самоуправи?! Само за за Комуналец ?! Не!
Декларативно тоа што политичарите го ветиле треба да си го остварат!
Затоа, локалната власт мора малку да има поголеми визии за соодветно да бидат наградувани за трудот кој што го вложуваат. Декларативно тоа што го ветиле треба да си го остварат сите. За жал претходната локална администрација многу малку направи, се надеваме дека оваа, на која и’ посакуваме добредојде и како бизнис заедница и како претседател на Регионална стопанска комора, ќе биде многу поажурна и поактивна и дека сите недостатоци од претходната ќе ги надополниме за подобра бизнис клима во интерес на бизнис заедницата и прилепската економија. Бидејќи, реприза нема и ако и наредни 4 години изгубиме чекор за обнова и развој мислам дека ќе биде предоцна за Прилеп.
Радио Пела : Во пандемија сме 2 години, но има најави дека пролетва или ова лето ќе има либерализација во однос на состојбите во Европа. Со оглед на тоа што компанијата е извозно ориентирана какви се според вас очекувањата?
-Тоа е уште еден фактор кој што влијае дирекно на приходите на компанијата. И самите рековте дека 2 години сме во пандемија и секој работник кој што е отсутен поради пандемија е 100% трошокот на компанијата. А, луѓето, работниците, не треба да бидат оштетени, не смееме тоа да биде на нивниот грб. Ние ја почнавме годината со минус 3 месеци. Месец одмор, месец со национални празници и месец по основа на боледувања, особено зачестени поради пандемијата. Сето тоа е трошок кој што мора да го ставите во цената на чинење. Дополнително трошокот кој што мора да го почитуваме е правилата и мерките на здравствена заштита , па како компании мора да ги снабдуваме работниците со маски и со сите неопходни средства за заштита за да се бориме против пандемијата.
Мојот став е дека пандемијата нема толку лесно да замине и така брзо да ја снема, а ние ќе треба да се прилагодиме на некои си такви новонастанати животни услови. Не може никој да предвиди дека нема на пролет или таму на есен да се појави некој нов тип на вирус кој што ќе прави проблеми. Треба да научиме да функционираме како пандемијата долго ќе остане, и да се прилагодиме на таквите животни услови.
За среќа нашите капацитети се полни и можеме да се носиме со сите предизвици, бидејќи ако немате работа, тогаш има проблем. Како компанија гледате дека примаме нови работници и зголемуваме плата. Одлучивме до 1 ви март додека не почне новиот надомест секој работнник да добие по 2 илјади, сега дадовме по 1000 ден на работник како бонус, поради надомест за трошоците на инфлацијата, бидјеќи сакаме да се грижиме за наши вработените. Но, повторно мора да потенцирам: за тоа каде ќе одиме како компанија и каква ќе биде нашата продуктивност зависи од трите погоре споменати фактори кои се клучни и многу важни за економска стабилност и развој: државниот сектор, приватниот и синдикатот како претставник на работниците. Ако сите тројца не седнат на маса и како браќа не донесат заедничка братска одлука и не се придржуваат на истото, ние нашите конкурентски вредности ќе ги губиме.