Во изјава за јавноста, без присуство на новинарите, денеска Филип Попоски, порт паролот на ОО на СДСМ Прилеп ги посочува, како што вели старо – новите кадри од градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески и при тоа обвинува за непотизам. Ја објавуваме во целост:
„Наместо реализација на ветените проекти и работење во интерес на граѓаните на општина Прилеп, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се занимаваат со практикување непотизам од највисоки размери и вработување блиски роднини и пријатели.
На праксата која ја воведе градоначалникот Борче Јовчески, деновиве се надоврзаа пратеничката Ане Лашкоска и претседателката на Унијата на жени на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Стерјоска Локвенец.
Вечната пратеничка Ане Лашкоска, по којзнае кој пат се погрижи за вдомување на својот брат, Дејан Лашкоски. Да се потсетиме:
Во периодот од 2011 до 2016 година, по заслуга на неговата сестра, Дејан Лашкоски беше именуван за неизвршен директор на прилепскиот Тутунски Комбинат.
Откако со отпремнина од 1.000.000 денари, или околу 17.000 евра си замина од Комбинатот, нова дестинација на братот на Ане Лашкоска беше Управниот одбор на ЈП „Студенчица“.
Конечно, од пред некој ден, Дејан Лашкоски е вработен во ЈКП „Водовод и канализација“- Прилеп, на работното место „стручен соработник за односи со корисници“.
За разлика од Ане Лашкоска, актуелната претседателка на прилепската Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Стерјоска Локвенец, покажа грижа самата за себе!
Да се потсетиме на кариерата на уште една вечна функционерка на ДПМНЕ:
• Од 2009 до 2013 година, член на Советот на општина Прилеп;
• 0д 2015 до 2017 година, директорка на Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“;
• Од 2017 до 2021 година, по втор пат член на Советот на општина Прилеп;
• Од 2021 и тековно, по трет пат член на Советот на општина Прилеп, каде ја извршува функцијата координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено е именувана и за заменичка на градоначалникот Јовчески.
И како сето ова да беше малку, како да е малку паушалот од 19.000 денари кој го зема како член на општинскиот Совет, од неодамна Ирена Стерјоска Локвенец, исто како и братот на Ане Лашкоска, е вработена во ЈКП „Водовод и канализација“- Прилеп, на работното место „советник за односи со јавност“.
Наместо да се заканува со рестрикции на водата, секојдневно да бара пари од Владата и субвенции од Општина Прилеп, директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Игор Гулабоски, треба да се откаже од ваквите несуштински вработувања на партиски функционери.
Која е потребата, во време на глобална финансиска криза, да се вработуваат соработници за односи со корисници и советници за односи со јавност?
Освен класичниот непотизам, која е стручноста на Дејан Лашкоски и Ирена Стерјоска Локвенец за ваквите измислени работни места кои прилепчани ги плаќаат од својот џеб?
Господа од ВМРО-ДПМНЕ, на последните локални избори ја добивте довербата на граѓаните на општина Прилеп ветувајќи им подобри услови за живот и повисок животен стандард.
После само нецели 6 месеци вистината излезе на виделина.
Уште еднаш се покажа дека сите ваши изборни ветувања, исто како и сите претходни, беа една голема лага!,“ се вели во изјавата на Филип Попоски, порт паролот на ОО на СДСМ Прилеп.