До 16 часот во Прилеп наврнаа 25 литри дожд на метар квадратен, во Крушево 23, во Маврово и Пожаране 12, во Охрид шест, во Битола пет, во Тетово и Виница четири, во Демир Капија два, а во Скопје на Зајчев Рид еден литар дожд на метар квадратен, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Врнежите од дожд проследени со грмежи, како што посочуваат од УХМР, почнаа попладнево во југозападните и јужните делови, а подоцна се проширија и локално беа во форма на невреме со интензивен пороен дожд и силен ветер. Обилни врнежи од дожд ќе има и во текот на ноќта,информираат од УХМР.
Времето утре ќе биде претежно облачно и свежо со врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат обилни (10 до 20 л/м2). Локално врнежите ќе бидат поројни проследени со грмежи и со услови за појава на град. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната значително ќе опадне во однос на денешната и ќе се движи од 18 до 24 степени.