Основното јавно обвинителство Прилеп по допрен глас оформи предмет по информациите за смрт на две лица во ЈЗУ Општа болница Прилеп – жена на возраст од 52 години и машко лице, кај кои биле извршени оперативни зафати по што добиле интерхоспитална бактерија од која починале.
Според основниот јавен обвинител Маријана Илиеска, обвинителството побарало целосна документација за три случаи на лекување пациенти, една на 52 години и уште двајца 30-годишници.
-Отворивме предмет по допрен глас за утврдување евентуална кривична одговорност на вработени во Болницата. Едниот лучај е за 52-годишна пациентка која се лекувала на гинекологија и која со компликации и симптоми на сепса била пренесена на скопските клиники каде починала. Се бара целосна документација за двајца пациенти, на 30 годишна возраст кои прво се лекувале во Болницата; еден на одделот за неврологија каде се лекувал 10-тина дена па бил префрлен на скопските клиники и починал и друго непознато лице, исто на 30 години кое прво се лекувало во прилепската болница па по компликации починало. Побаравме целосна документација за случаите и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Пуштено е и барање и до полицијата да преземе дејства за евентуална кривична одговорност на лица вработени во болницата, изјави обвинителката Илиеска.
Комисијата за интрахоспитални инфекции во прилепската болница денеска соопшти дека е пронајдена бактеријата стафилококус епидермидис кај пациентката која почина минатата недела на скопските клиники. Од министерството за здравство ги пренесуваат информациите од државниот здравствен и санитарен иснпекторат и велат – пријавена е интрахоспитална инфекција. Инспекторатот во петокот на 17 февруари извршил вонреден инспекциски надзор по информациите од Центарот за јавно здравје од Прилеп.
Издадена е и наредба до МВР – ОВР Прилеп да изврши информативни разговори со службени лица во болницата, со роднини и блиски лица на пациентите. По извршените проверки ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката.
Извор: „Независен“