Утре, сабота 13 ти јануари, во центарот на Прилеп на платото пред Градскиот саат ќе се одржи манифестацијата „На Василица во Прилеп“ во организација на општината. Целта е граѓаните по повод големиот православен празник посветен на Свети Василиј, да се дружат и заеднички да започне прославата која се одбележува во секој православен дом по повод Православна Нова Година со вртење на мазник и богата трпеза. Општината и годинава обезбеди поддршка од повеќе компании кои донираат бурек и пијалоци. Настанот започнува од 12 часот, а ќе биде збогатен со музика. За среќниот наоѓач на паричката обезбедени се пригодни награди, посочуваат од општината. Градоначалникот Борче Јовчески упати јавна покана до сограѓаните:
Почитувани сограѓани сакам да Ве поканам во името на Општина Прилеп, во сабота на 13-ти јануари, ден пред големиот празник Св. Василиј Велики- Василица или уште како и што народски си ја викаме православна Нова Година во 12 часот на платото пред градскиот саат заедно да го одбележиме празникот, почитувајќи ги нашите вековни обичаи.
Целта е овие прекрасни наши христијански празници и обичаи да ги изнесиме надвор помеѓу народот и во духот на заедништвото да ги одбележиме заедно.
За среќниот добитник следува пригоден и симболичен подарок. Благодарност до сите општествено одговорни компании кои што се веќе вклучени и го поддржуваат овој настан, а се разбира дека секој е добредојден кој што сака да го помогне и поддржи овој настан затоа што ова се прави за сите граѓани на Прилеп и за заедништво во нашата општина, стои во поканата од Јовчески.
Оваа година е трета по ред како Општина Прилеп организира заедничко празнување на Василица под мотото „На Василица во Прилеп“.