Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува денеска и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК).
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Засега се појавуваат девет кандидати за претседател. Предлогот на ДУИ е министерот за надворешни работи Бујар Османи, од Движење ЗНАМ-За Наша Македонија ќе настапат со лидерот, Максим Димитриевски, СДСМ објавија дека нивен кандидат ќе биде актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ ја предлага професорката, Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски е кандидат на ГРОМ, професорката Билјана Ванковска е кандидат на Левица, Арбен Таравари на албанската опозициска коалиција ВРЕДИ и за прв пат во историјата за претседател на Македонија свој кандидат ќе имаат Бошњаците, Мерсиха Смаиловиќ кој ќе биде кандидат на Бошњачки демократски сојуз, а својата независна кандатура за претседател во октомври, лани, прв ја најави, Вело Марковски, иако е член на ВМРО-ДПМНЕ.
Собирањето потписи ќе се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Постапката што почнува денеска трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени, од 8 до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот.
Иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници се поведува со поднесување на известување и изјава до ДИК од страна на предложениот кандидат, односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар. Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори.
Претседателските избори се закажани за 24 април, додека вториот круг од изборите е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.