1.3 C
Прилеп
понеделник, 23 декември, 2024
Пела Радио

58 МТФ „ Војдан Чернодрински“ со 11 претстави во натпреварувачката програма

Единаесет претстави во продукција на националните театри и шест претстави во придружната програма се селектирани на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 7 до 14 јуни во Прилеп. „Ново читање“ е именувана програмата на уметничкиот директор Ана Стојаноска, која денеска на прес-конференција ја образложи својата селекција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Иницијалната позиција од која почна селекцијата е да се дефинира сериозна голема театарска претстава која е во контекст или со годинешниот Автор во фокус – Горан Стефановски или во контекст на современиот пристап во третирањето на театарот денес, вели Стојаноска.

Собранието на фестивалот одлучи наградите за животно дело да ги добијат актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов.

Мотото на фестивалот годинава е „Промени се, промени сè“.
-Се решив да го прикажеме тоа што е современо и актуелно, истовремено во корелација со европските театарски трендови. Она што доминира во програмата е потребата да се најдат нови читања на стари теми, истовремено создавајќи поинаков третман на просторот. Доминантно во продукцијата беа повеќе камерните или „мали“ сцени наспроти големата сцена. Имаше неколку впечатливи камерни претстави работени според домашни автори, но не одговараа на концептот на ова издание на фестивалот. Тоа не значи дека беше естетички ограничена, туку создаде ново гледање и на драмите и на просторот. На македонската театарска продукција како и да ù фали сериозно истражување и на современите театарски тенденции, но и на сопствените театарски капацитети. На нашите театарски сцени им треба промена која се надевам ќе ја иницира фестивалот годинава – рече Стојаноска и додаде дека „промената е најблиската потрага по сопствениот креативен потенцијал. Таа е првата победа во битката со конформизмот, старите навики, инертните или наследени ситуации“.

Концептот „Ново читање“ ги опфаќа двете потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“.
Во потпрограмата „Новото читање на драмите од авторот на фокус – Горан Стефановски“, селектирани се:

1.„Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп;
2.„Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, продукција на Албански театар – Скопје;
3.„Демонот од Дебар
Маало“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип;
4.„Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, продукција на ЦК „Антон Панов“ – Струмица.

Во „Ново читање на класиците“ го гледаме авангардниот пристап во третманот на драмите што се класични/лектирни, а истовремено и потенцијалниот нов моментум во третирањето на театарот. Во оваа програма се претставите:

1.„Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, продукција на Драмски театар – Скопје;
2.„Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, продукција на Ц.К „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес;
3.„Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Македонскиот народен театар;
4.„Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, продукција на Турски театар – Скопје;
5.„На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Народен театар – Битола;
6.„Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Театар Комедија;
7.„Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, продукција на Театар за деца и младинци – Скопје.

Во придружната програма ќе бидат презентирани неколку претстави кои се во контекст на концептот на комплетната селекција:

1.„Кенди“ од Лук Дејвис, во режија на Тамара Стојаноска, продукција на Театар „Златен Елец“;
2.„Лекција“ од Ежен Јонеско, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Motion Network и НТ Штип;
3.„Црна дупка“ од Горан Стефановски, дипломска претстава по театарска режија на Александар Јовановски, во класата на проф. м-р Зоја Бузалковска, ФДУ Скопје;
4.„Натчовек“ од Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, продукција на Драмски театар „Стојан Бочваров“ – Варна;
5.„Поол“ од Марк Рејвенхил, во режија на Шенај Мандак, продукција на МКЦ и Хибрид.
6.„Арт“ од Јасмина Реза, дипломска претстава на студентите по актерска игра од класата на проф. Дејан Пројковски, Универзитет „Еуропа Прима“ – Скопје.

Фестивалот ќе биде отворен со настан во чест на добитниците на наградата за животно дело, што ќе се одржи во Центарот за култура, а потоа ќе следува изведбата на претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар.

-И годинава сакаме Прилеп да биде град-театар, ќе има уште фестивалски зони што ќе ги откриваме постепено. Им се заблагодарувам на сите што го помагаат фестивалот – рече Стојаноска.

За време на фестивалот ќе се одржи еден ден комплетно посветен на Авторот во фокус – Горан Стефановски, на кој ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето на ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура.

Ќе бидат одржани пет работилници, освен презентацијата на едукативната програма: Работилницата за драмско пишување што ќе ја води Ана Трпеноска, Работилницата за читање на Горан Стефаноски што ќе ја води проф. д-р Јелена Лужина, Работилницата за следење на фестивал што ја води тимот на Умно.мк, Работилница за тело – говор – простор што ја води Искра Шукарова и Работилницата за костимографија што ја води Александар Ношпал. Повиците за учество на овие работилници ќе ги објавиме наскоро.
Ќе бидат одржани промоции на повеќе изданија од театарска и театролошка литература од македонски и странски автори. Ќе бидат активни сите фестивалски зони како минатата година, ќе имаме и некои нови кои ќе ги откриваме постепено во текот на следните денови на фестивалот.

За наградите на фестивалот и годинава ќе одлучува тричлено меѓународно жири, во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора.

Би можело да ве интересира

Крушевчани ќе ја подобруваат хигиената околу вештачкото езеро

Елизабета Филипоска

Прилеп на второ место по број на активни Ковид случаи

Гордана Цветаноска

На Ромите не им бил дозволен пристап на градскиот базен

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе