Вечерва 5 јуни (20 ч.), претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир, премиерно ќе биде изведена, во театарот „Војдан Чернодрински“
„Ако имаме среќа да живееме доволно долго, преживуваме бури; се вљубуваме; изневеруваме или сме изневерени; вршиме или трпиме насилство – вербално, психичко или емоционално; претрпуваме загуба; се прашуваме што нè чека; се смееме со пријателите; се каеме за грешките и чекориме кон неизвесната иднина. Бурата го содржи сето ова и уште повеќе“, вели режисерот Џон Блондел во најавата за претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир.
Блондел посочува и дека претставата е филозофија на животот.
„Барем Шекспир ја нуди како таква преку своето алтер его – волшебникот Просперо. И обајцата се слика на другиот: уметници што стареат и прават некаков ред во својот живот, движејќи се низ своето последно поглавје. За Шекспир, преку волшебникот Просперо, тајната на животот е да се запамети, а потоа да се прости. Иако првичната намера, можеби, била да се одмазди (тоа не е сосема јасно во текстот), Просперо наскоро открива дека мора да си прости себеси, а потоа да им прости на другите. Тоа е прекрасна драма, дива и трогателна, која иако е многу стара, истовремено е многу модерна. Како што вели големиот романски режисер Ливиу Чулеј: ‘Класиката е класика затоа што е модерна’. Неизмерно уживав во работата на оваа претстава, со овие прекрасни луѓе во Прилеп“ потенцира Блондел.
Во претставата играат: Игор Трпчески, како Просперо, вистинскиот војвода од Милано; Ангела Наумоска ја толкува улогата на Миранда, ќерка му; Даниела Иваноска е Ариел, дух, ветроштина; Наташа Ачански-Калибан – роб на Просперо, а дел од актерскиот тим се и Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа и Ана Митоска.
Претставата е дел од годишната програма на Театарот за 2024 година, поддржана од Министерството за култура.