Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претставници на Стопанската комора на Северозападна Македонија, после која, во изјава за медиумите одговараше на новинарско прашање за денешниот протест и блокада на регионалниот пат Прилеп – Градско во врска со ископот на градежен материјал на Бехтел и Енка кај Оревоец:
Изутринава имаше протест на регионалниот пат Градско – Битола од жителите кои не сакаат Бехтел и Енка да прави ископи во близина на селото Оревоец со образложение дека им се загрозени домовите. Бара ли можеби Владата некое алтернативно решение да им се помогне на луѓето?
„Многу проблеми имаме, ние тоа сме го кажале. Тоа се проблеми кои се наследени од минатото. Ако ви кажам дека требало имотно правните односи, претходната влада преземала обврска мимо имотно правните односи да ги реши до средината на минатата година, а ако не месечно треба да враќаме 3 милиони евра пенали – тогаш се’ ви е јасно! Сега требаше 36 милиони евра само по основ на пенали да плаќаме. Разговараме, се трудиме, јас сочувствувам со сопствениците на таа викенд населба таму. И сочувствувам со нив. И сакаме да помогнеме. До сега единствено решение е да се користи друго место, да се користи варовникот од друго место. Значи дополнителни 18 милиони евра. Тоа значи 18 милиони евра плус треба да платат граѓаните, за транспорт само, ако се користи варовникот од друго место. Сега треба да бараме второ решение, да бараме трето решение. Мораме да најдеме решение затоа што следното значи арбитража и следното значи 1 милијарда граѓаните да платат поради изгубен спор. Многу се едноставни работите, затоа предупредувавме, затоа молевме, не затоа што не сакаме автопат –сакаме! Ама дајте да го направиме како што треба. Криво засадено дрво – криво ќе изврти и сето понатаму е проблем. Тоа се проблеми кои што ние мораме да ги решаваме. Потрошиле 300 милиони евра без никаков прогрес, до вчера протестираа во местото Баница, општина Гостивар, денеска протестираат во Прилеп. Ќе продолжат овие протести, ние сме свесни дека тоа ќе се случи заради тоа што овој проект треба да се реализира, затоа што ако не се реализира одиме на арбитража, а на арбитража штетата ќе биде огромна! Тоа е разликата,“ рече премиерот Мицкоски во врска со денешниот протест и блокадата на регионалниот пат Прилеп – Градско.