Со положување цвеќе пред спомен-плочата во месноста Карпалак и во комплексот „Карпалак“ во Прилеп, денеска беше одбележана 23 годишнината од загинувањето на 10 – те прилепски бранители кај Карпалак, во конфликтот 2001 година.
Висока државна делегација од Владата, предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, претставници од Собранието, АРМ и МВР, делегации од Општината, локалните институции, семејствата на бранителите, политички партии, здруженија на бранителите, граѓани, положија свежо цвеќе на спомен – обележјето „Карпалак“ во центарот на Прилеп.
Здруженијата на учесници во воениот конфликт, на годишнината од масакрот, побараа само едно, да се пронајде виновникот кој во заседа пукал во конвојот на прилепските армиски резервисти.
“Нека овој настан остане како вечно сеќавање на згаснатите животи и никогаш повеќе да не се повтори. Бараме кај месноста Карпалак споменик во нивна чест и централното одбележување да биде на местото каде беа убиени 10-те армиските резервисти во 2001 година. Но, не верувам дека ќе се случи, како и што не се случи расветлувањето на случајот, да се открие -кој пукаше во конвојот тој ден. Должни се институциите да го откријат тоа, сакаме само да знаме, ништо повеќе!“ рече Роберт Камчески, од здружението „Карпалак“при оваа прилика.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, во својот говор посочи дека градот вечно ќе го чува споменот на загинатите кај Карпалак.
“Утрото на 8 август 2001-та, Прилеп загуби 10 свои синови, на кои што денес со огромна почит им се поклонуваме, за нивната храброст и несебична пожртвуваност, за мир и одбрана на нашата татковина. Хероите на Прилеп, ќе останат вечно врежани во срцето на прилепчани, во историјата на нашата татковина, во меморијата на овој непокорен народ, кој својата слобода, независност и интегритет, секогаш ја испишувал, крваво. Верувам дека сите сме согласни во тоа дека такво зло како тоа од 2001 година никогаш не смее да се повтори, затоа што во воените конфликти нема победници и секоја една солза и загубен човечки живот се далеку повредни од било каков извојуван триумф“, рече градоначалникот, Јовчески.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски изразувајќи почит за Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце, за нивната храброст и пожртвуваност во одбраната на територијалниот интегритет, нагласи дека Владата ќе продолжи да работи со целосна посветеност за поддршка на бранителите и нивните семејства.
„Трагедијата кај Карпалак зави многу семејства во црно и нанесе болка на сите наши граѓани. Оваа трагедија ни покажа дека мирот, стабилноста и безбедноста немаат цена. Напротив, тие се меѓусебно поврзани и се основни темели за напредокот и развојот на општеството, каде мирот произлегува од градењето доверба, стабилноста е основа за напредок, а безбедноста е клучна за заштита од сите закани.Жртвата на хероите од Карпалак е силен потсетник да ги одржуваме и да останеме верни на овие вредности. Бранителите платија највисока цена во еден од најтешките мигови за македонскиот народ, кога нашата држава беше нападната и на чекор до бездна. Наша должност е да ги паметиме и да ги почитуваме нивните херојски дела, а истовремено да ги користиме сите расположливи механизми за да обезбедиме мирна, стабилна и безбедна иднина за граѓаните. Токму овие херои и нивната жртва не потсетуваат дека секогаш треба да останеме мудри во донесувањето одлуки за иднината, за никој повторно да не доживее слична судбина. Како што хероите на Карпалак застанаа во одбрана на вредностите и принципите кои не дефинираат како нација, денес сме должни со иста таква посветеност, решителност и мудрост да се соочиме со предизвиците кои ги носи иднината. Хероите никогаш не умираат, но наша одговорност е да се сетиме на нивната жртва при носењето на секоја важна одлука за државата“, рече Муцунски во своето обрајќање пред присутните.
Инаку, на 8-ми Август 2001 година , околу 10 часот конвојот на АРМ , во кои беа 100 тина прилепски армиски резервисти беше подмолно нападнат од заседа кај месноста “Карпалак“ на патот Скопје- Тетово. При тоа беше погодено едно транспортно возило во кое беа 8 војници и двајца офицери од прилепскиот резервен состав кои тоа утрото тргнаа кон Тетова и загинаа: Нане Наумоски (48), Сашо Китаноски (39), Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29), Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26), сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово, и Пеце Секулоски (29) од прилепско Бело Поле.