0.8 C
Прилеп
сабота, 28 декември, 2024
Пела Радио

Статијата за употреба на машка форма во женските презимиња предизвика лавина од реакции

Објавeната  новинарска статија  „И или А-Колку значи една буква во женските  презимиња“ на нашиот портал Радио Пела (radiopela.mk)  предизвика читаност, но уште поважно, многу рекации од страна на читателите во Прилеп, но и низ Македонија.

Се чини, малку простор се остава за вакви теми во македонските медиуми, а причини за тоа има повеќе, но можеби темите поврзани со јазикот и другите слабо третирани теми, се токму оние кои им се потребни на граѓаните, а им оставаат простор за сопствен став на експертите од тие области.

Имено, текстот се занимава со помодарството, жените во Македонија, да ставаат презиме во машка форма, до своите имиња. За оваа тема побаравме стручни мислења од проф. д-р Елка Јачева Улчар од Институтот по македонски јазик, и од м-р Стефан Васев од Институтот по родови студии.

Меѓу читателите  кои ја споделија сторијата, а и кои коментираа под објавите на истиот се најдоа наставници, средношколски професори, универзитетски професори и професорки, новинарки, уметници, како и граѓани од различни профили кои живеат во и вон Македонија.

Стојан Стојановска, откако се решил на регистрацијата да го земе презимето на сопругата. Одлично звучи, нели-напиша на духовит начин новинарката Елизабета Мемиќ, под објавата на авторот на текстот, Филип Димкоски.

 

Голем дел од читателките  како Снежана, Македонка, Розита, Виолета, Пенита, Алида… сметаат дека тоа е помодарство кое не е оправдано. Сепак, Емилија мисли поинаку, па вели:

Одлично сработен прилог, Филип, само не се сложувам со ниту еден од твоите стручни соговорници. Како да не е доволно бремето врз жената да го одржува патријархатот со менување/додавање презимиња при премин од татковата во куќата на сопругот, па уште е одговорна и за зачувување на јазикот?! Јас во овој тренд (помодарство) гледам тивок (женски) пркос и отпор-пишува Емилија Локвенец.

Активистката Карашова од Охрид, се согласува со ставот на м-р Васев, изложен во статијата,

Се согласувам со Васев, ние имаме можност во својот јазик да ја истакнеме родовата припадност и со имињата. More power to us the ladies (Повеќе сила за нас дамите)-вели таа.

Новинарката Ана Крстиновска, која го сподели текстот на својот ѕид на Фејсбук, коментриаше дека се потребни вакви теми со цел да се заштити јазикот.

Под нејзината објава извесен Љупчо Блажески, пишува:

Да, се сквернави македонската граматика и делото на големиот македонец Блаже Конески. Се даваат машки називи на женски субјекти (веројатно овие госпоѓи и не знаат дека тоа е и јазично и граматички грешно)-коментира Блажески.

Текстот на својот профил го објави и проф. Елка Јачева Улчар, па од таму текстот е споделен 26 пати, а под  нејзината објава со стотина „ми се допаѓа“ предизвика повеќе коментари.
Билјана Анастасовска коментира под објавата на овој начин:

Зошто да бришеме нешто, што е наше одличје, што не разликува од другите? Треба да се гордееме, со тоа! Денес повеќе од помодарство и повеќе од незнаење, се срамат од нешто што е толку значајно за нашиот јазик-пишува Билјана Анастасовска.

Сите коментари ги поддржуваат ставовите изнесени во текстот и сметаат дека тоа помодарство го загрозува јазичниот идентитет и не го сметаат за релевантен изговорот дека некои жени ги менуваат презимињата заради полесно административно снаоѓање во странство.
Билјана Костова, од Aгенцијата за иселеништво, коментира:

Трендот на користењето на новите форми на женските презимиња, со машки суфикс е невкусно извртување на македонската граматика. Многу убаво објаснување од страна на професорот во текстот.

Илона Захариева дава подолг коментар и го искажува следното свое мислење:

Широка тема за дискусија. Женската форма на презимиња е одлика која треба да ја зачуваме. Преземањето на машката форма од страна на жените е чисто помодарство. Во западните култури има различни модели, во некои дури и сопругата не го зема презимето од сопругот. Во секој случај, кога македонски парови ќе стапат во брак во странство доволно е само да објаснат што треба институцијата да направи и никој нема да ги обврзе да земат машко презиме. Еве еден тренд од Италија: Секој од сопружниците си го задржува сопственото презиме, така што првите македонки кои земаа државјанство “мораа” да си го земат моминското презиме. Подоцна се покажа дека е недостаток на комуникација, никој не објаснил како функционира во нашата култура. Подоцна исто со машката верзија на презимето. Но, кога ќе објасните како функционира во македонската култура, никој не ве присилува на моминско презиме, ниту на машка верзија. Единствениот проблем е што некои недоволно го сакаат своето потекло и култура-подвлекува Захариева.

На коментарот на Захариева, со коментар одговори професорката Улчар:

Jас го давам примерот со Ирена Бокова од Бугарија и Мартина Навратилова. Двете со кариери во Западна Европа, односно САД, па не си го избришаа крајното А од презимето.

На ова, повторно реплицираше Захариева:

Професорке, тие немаат потреба да се чувствуваат “посебни”, имаат интегритет и дигнитет. Мене некои ме убедуваат дека морале да го променат презимето, а знам дека не е така. А имаме и примери во Македонија, кутрите, со презиме ќе се прават „посебни”.

  која додаде дека и модерните имиња исто така се лошо помодарство.

Елизабета Мицева, напиша дека промената на формата на женското презиме може да биде можност за манипулација:

Жена со машко презиме може (ненамерно) да биде изманипулирана стапица во денешницата како еден од илјадниците ИЗМИСЛЕНИ “флуидни” родови на ЛГБТП… „заедницата”.

А Марјан А. Гиовски во својот коментар запрашува која е целта на ваквото помодарство:

Не разбирам зошто се смета дека е поубаво презимето ако завршува на И?! Што се сака да се покаже со тоа.

Но, текстот го сподели и познатата новинарка Лилјана Грџо Дамовска, а таму извесна Анна Јакимова, остро ги нападна ставовите, нарекувајќи ја статијата непотребна лекција.

Не може и не треба да се наметнуваат застарени правила и новата генерација има право на избор. Аман од непотребни лекции! Во странство имате избор како сакате името и презимето да го користите. Треба да биде одлука на поединецот.

Под истото споделување извесен Зоки Христе Македонски,  смета сосема спротивно.

Чувај Боже!!!Како бре може женски род да стави презиме и да носи на машки род?!?)))Абе тоа ти е тоа Родител 1 и 2!-пишува тој.

Една од читателките, текстот го споделила во групата „Во заштита на македонското културно наследство“ па и таму текстот „испрвоцирал“ неколку коментари од читатели.
Аелита Ѓорѓиева, пишува:

Многу ми пречи, ме нервира и вознемирува кога жени го преземаат презимето на сопругот без да ја променат буквата и во а. Често доведуваат во заблуда за полот и потврдуваат дека не го познаваат македонскиот јазик.

Елизабета Василевска  има слично мислење

Се губи македонскиот карактер: нашите презимиња се присвојни придавки а ние разликуваме род кај придавките не сме Англичани,Турци- кои не разликуваат род или како презимињата кај Срби, Хрвати и сл народи кои се непроменливи. 

Весна Ристова, професорка од Штип пак има сличен став:

Зачувувањето на формите на презимињата е во интерес на зачувувањето на белезите на јазикот како еден од најважните одличја на идентитетот на еден народ-вели во описот на своето споделување -вели Весна Ристова.

Ликовната уметница Ангелка Башеска која живее во Дубаи, ја сподели статијата со нејзин став дека ова е многу важно и потребно да се прочита.

Eлизабета Василевска, смета дека со ваквиот начин на образување на женските презимиња се  губи нашата посебост која не разликува од другите народи.

Се губи македонскиот карактер: нашите презимиња се присвојни придавки ,а нид разликуваме род кај придавките не сме Англичани,Турци- кои не разликуваат род или како презимињата как Срби,Хрвати и сл народи кои се непроменливи. По тоа се разликуваме од некои народи, а сме слични со Руси,Полјаци,Чеси и Словаци-образложува Василевска. 

Текстот го сподели и лекторката по македонски јазик во Романија, Елена Ѓорѓиевска, што е наша  потврда дека како медиум одиме во добра насока за зачувување на македонскиот јазик.
Свесни сме дека правиме грешки во однос на правописот, или пак грешки од технички аспект и токму затоа ги поддржуваме лекторите кои деновиве го кренаа гласот. Би  било идеално кога секој медиум би имал лектор, платен од државата да биде чувар на стандардниот македонски јазик.
Уште еднаш им се заблагодаруваме на д-р Елка Јачева Улчар и на м-р Стефан Васев за исцрпните одговори поместени во текстот, на м-р Татјана Пеливанова за лектурата на истиот и на сите читатели кои читаа, диксутираа и коментираа.
Радио Пела, продолжува со нови стории поврзани со македонскиот јазик, идентитет и култура, истражувајќи нови патеки и отплеткувајќи други јазли. Во нашиот серијал на истражувачки стории, овојпат им се посветуваме на теми кои досега се ретко обработувани или пак не се обработени на начин на каков што ние сметаме дека треба да се анализираат.
Текстот кој ја ги предизвика овие реакции и дискусии, можете да го прочитате  овде
Пишува: Филип Димкоски

Би можело да ве интересира

„КЛИМЕНТОВЦИ“ знаат – вреди да се штеди

Пела Редакција

Дваесет и четврти по ред Пелагониски културно –научни средби во Новаци

Пела Редакција

Прва самостојна изложба на прилепскиот уметник Кристијан Јованоски

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе