23.7 C
Прилеп
среда, 17 јуни, 2026
Пела Радио

Со „Девојките на Марко“ сцената оживеа со харизма, хумор и маестрална игра

Елизабета Филипоска /новинар/

Преку комедијата „Девојките на Марко“, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ и одличната актерската екипа: Наташа Ачански, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Лора Штарго, Димитар Ѓоргиевски и Илија Волчески, само потврдија и докажаа дека во Прилеп не е загубен духот на мајтапот, здравиот хумор, шегата и смеата. Публиката ракоплескаше со жар и со восхит, оддавајќи им почит на актерите за претставата, која премиерно се изведе на сцената на ЦК „Марко Цепенков“, исто како што со жар, енергија, која одамна не е прикажана на прилепската театарска сцена, ја изведоа и актерите, со што ја покажаа сета свој глумечка умешност и го потврдија епитетот – најдобар театарски ансамбл во Македонија и пошироко.

Претстава, речиси два часа, во која никој не зажали за „потрошеното“ време, туку напротив, никој не почувствува дека времето за театар истече толку брзо.

Приказна, која засмева веднаш, со првата сцена, има благ влез во заплетот и веднаш станува динамична, со многу смешни сцени и реплики поради сторените ситуации, за потоа, расплетот, повторно да донесе хумор и смеа, дури и со последната реплика на актерите, што ја потврди и умешноста на режисерот Синиша Евтимов креирајќи ја оваа претстава, која, со право тој ја најави дека  ќе донесе ведрина, хумор и свежина на прилепскиот театарски репертоар.

Веднаш, впечатлив и харизматичен во ликот на Војдан, Илија Волчески не само што својата улога ја одигра со актерско мајсторство, маестрално, туку успеа да го претстави целиот свој глумечки опус. Со секој гест и секоја реплика, тој ја внесе душата на сцената, создавајќи атмосфера што ја пренесе публиката во свет на искрена емоција и ненадмината комика. Волчески не само што ја потврди својата уметничка зрелост, туку и покажа дека сцената е местото каде што неговиот талент блеска најсилно. Па, неговиот настап беше вистински празник за љубителите на театарот.

Совршен спој на Војдан, беше Марко, или актерот Димитар Ѓоргиевски како главен лик или двигател на драмската динамика. Тој, би рекла, ја надмина границата на класичната комедија. Неговата актерска игра беше полна со харизма и природност, што му овозможи да нè освои како публика уште од првиот момент, со секој гест, секоја реплика, акцентирани со различен јазичен говор, внесувајќи енергија која ја држи претставата во постојан ритам. Особено впечатлива беше неговата хемија со останатите ликови. Во интеракција со „девојките на Марко“, тој создаде заплети што ја направи комедијата живописна и полна со изненадувања. Браво за неговата способност да ја балансира комичноста со емотивна длабочина и да ја претвори сцената во простор на вистинска уметничка магија.

Ништо помалку публиката не остана рамнодушна ниту на актерската изведба на Марија Спиркоска Илијеска, како Марта, куќна помошничка. Таа не само што ја оживеа улогата во која привлечно се вклопуваше, туку ја надгради, и и’ даде нова атмосфера на претставата со комичните случувања на сцената. Секое нејзино сценско појавување беше изведено со маестрална контрола, од оние најсуптилните до најексплозивните моменти на хумор. Публиката реагираше со искрена смеа и аплауз, сведочејќи дека Спиркоска Илијеска е актерка која не само што во својот ген го носи хуморот, туку со трудот, работа и посветеност кон театарот, таа е веќе актер со огромна уметничка моќ.

А, стјуардесите, или девојките на Марко, актерките: Наташа Ачански, Јасмина Мицовска, Лора Штарго, пак, крајно впечатливо ја искористија својата сценска енергија, внесувајќи дух и живост, и стилски, и визуелно, со што ја направи комедијата уште попривлечна. Со нивната игра, тие успеаја да внесат дополнителна доза хумор, но и елеганција, создавајќи баланс меѓу комичната ситуација и сценската естетика. Публиката беше пријатно изненадена од нивната способност да ја оживеат улогата со природност и да ја претворат во вистински сценски бисер. Нивниот настап не само што ја надополни главната приказна, туку и ја направи комедијата да добие на целост, на ритам и привлечност.

Се’ на сè, претстава живописна, динамична, ведра и незаборавна. Со „Девојките на Марко“ на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, ансамблот покажа и потврди дека театарот во Прилеп и понатаму е живо место каде што актерскиот талент, страст и хумор не недостасуваа, напротив, живеат споени во едно, преку свежината која ја носи новата актерска енергија, оставајќи ја притоа публиката со чувство на исполнетост и радост. И, има ли поубава награда за театарот од тоа?!

Би можело да ве интересира

Изложба на фотографии „Булки“ од прилепскиот уметник Милан Темелкоски

Ќе се одржи изложба на дела од прилепскиот уметник Илија Миноски- Мината

Се’ си знаеме и пак им правиме штета

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе