Преку т.н игра, „Ботл флип“ (вртене шише) утре на 11-ти Октомври, во револуционерен Прилеп, на градскиот плоштад ,споменикот „Крали Марко“, ќе започне глобалниот предизвик „IceBottleChallenge.org“ на кој ќе се сврти првото пластично шише, и со тоа ќе се испрати пораката „Сврти шише за почист свет“. Со предизвикот се предизвикани сите, да ја играат играта за почист свет, а истовремено да пријават и екипа за Bottle Flip турнир за сезона есен / зима 2018/2019 и да предизвикаат 3 од своите пријатели да го направат истото, за заедно да ја прошират пораката, и што поголем број луѓе да се вклучат во турнирот, и во борбата против загадувањето на животната средина.
Влатко Наумовски, претседател на здружението „BottleRecycle.org“ кое е организатор на овој глобален предизвик, објаснува дека со предизвикот воедно ќе се врши и пријавување на екипи за глобалниот „ботл флип“ турнир сезона есен-зима 2018/19.
Овој предизвик, на 11 октомври, е пандан на светски познатиот предизвик „Ice BUCKET Challenge “ каде многу познати личности се потураа со кофа ладна вода. Наместо кофа вода, ќе користиме пластично шише кое треба една третина да биде полно со вода за потоа да се сврти во воздух со цел да слета со дното на подлогата- игра што кај младите е позната под името ботл флип. Целта е да го свртиме вниманието кон глобалниот проблем со пластиката, особено со пластичните шишиња, кој не ја заобиколува ниту Македонија и, воедно, преку игра, забава и награди да инспирираме стекнување добри навики особено кај најмладите за фрлање на отпадот во корпа, објаснува Наумовски.
По пријавувањето на екипите, турнирот се планира да започне кон крајот на овој месец и почетокот на следниот под мотото „Стекнуваме добри навики низ игра, забава и награди“.
Турнирот е за сезоната есен-зима 2018/19. По неговото завршување, ќе биде прогласен шампионот на кого ќе му биде доделен трофејот – златно шише од 14-каратно злато. Трофејот ќе биде доделен на манифестацијата „Golden Bottle Awards“ која планираме да се одржи кон крајот на февруари 2019 година, со што ќе се означи крајот на сезоната есен-зима и почетокот на новата сезона пролет-лето 2019, вели Наумовски.
Здружението има за цел предизвикот од Македонија да се пренесе глобално. Се очекува во тоа, голема улога да одиграат социјалните мрежи. Истовремено здружението за почист свет (BottleRecycle.org) упатува апел до сите општествено одговорни компании, да се приклучат кон овој предизвик и да придонесат да се прошири пораката што е можно повеќе.
Предизвикот е отворен за сите кои сакаат игра забава и награди. Пријавувањето е во тек и сите заинтересирани може да регистрираат екипа на официјалната веб страница на предизвикот „IceBottleChallenge.org“, на www.IceBottleChallenge.org.