3.4 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Почнува трката за откуп на „македонското злато“

Откупот на тутунот е последната фаза од макотрпната сезона во производството на оваа индустриска култура кога треба да се вреднува трудот на земјоделците. Според законските одредби 15 ти ноември е почетниот рок од кога може да започне преземањето на реколтата. Заверката на тутунските мостри, се реализираше на почетокот од месецов од 5 до 9 ти ноември, по што следеше издавање на решенија со што откупувачите добија „виза“ за старт на прибирање на договорената реколта и тоа најдоцна до 15 ти декември.
– Согласно договорите кои откупувачите ги направиле за реколтата 2018 на ниво на држава имаат потреба од околу 28 милиони килограми тутун. Но, за жал, оваа квота не може да се исполни како резултат на лошите временски услови што ја следеа производствената сезона: во почетокот навистина многу негативно се одразија поради дождовите и болестите, па многу тутун остана неподбран на нивите. Според нашите анализи, нема повеќе од 22 – 23 милиони килограми тутун. Согласно пријавените откупни пунктови и регистрираните 9 откупни компании во функција ќе бидат 195 пунктови за прибирање на реколтата со 233 ваги на ниво на држава, што е за 30 ваги повеќе од лани. Ова говори за поголем интерес за откуп на „македонското злато“. Квалитетот на тутунот е на високо ниво и ние како Сојуз на здруженија на тутунопроизводителите очекуваме годинешната просечна цена да не биде пониска од ланската, која изнесуваше 217 денари за кгр, вели Илија Тотески секретар на Здружението на тутунари „Братство“ од Крушево и член на извршниот одбор на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.
Условите за домашната манипулација на тутунот не се поволни- сушниот период не дозволува да се приготвува производството во картонски кутии. Според информациите на тутунските здруженија откупот најпрво ќе почне во централите каде што се откупните компании веќе од утре – 15 ноември, а од 19 ти се очекува да се засилува динамиката. Прилепскиот дел од Пелагонија со општините Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Крушево традиционално обезбедува 70 отсто од вкупните количества ориентален тутун.

Би можело да ве интересира

Појавата на рој црни мушички во воздухот ги вознемири прилепчани

Елизабета Филипоска

(ВИДЕО) Радио Пела го предизвика интересот на светските медиуми

Гордана Цветаноска

Водици 2020 , редослед на водосвет во Прилеп и во населените места

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе