Со претставата „Странци“ на Драмски театар од Скопје вечерва завршува официјалната програма на 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Оваа е последната од осумте претстави на македонските театри кои конкурираат за најпрестижното признание – најдобра претстава на Фестивалот.
Во 11 часот во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ под наслов „Сонот на модерната драма“ беше презентиран Македонскиот центар на ИТИ.
Утре на пладне, на последниот фестивалски ден, жирито во состав Бедија Беговска, Маја Вељковиќ Пановска и Љиљана Богојевиќ ќе ја соопшти одлуката која претстава е најдобра. Утревечер ќе бидат доделени наградите, како и нововостановената награда на публиката која првпат гласа по секоја претстава. Во чест на наградените ќе биде одиграна претставата „Силјан Штркот шанца“ од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јанакијевиќ, а во изведба на МНТ од Скопје со што ќе биде спуштена завесата на годинашниов МТФ „Војдан Чернодрински“. Во конкуренцијата за најдобра претстава се: „Макбет“ на МНТ, „Бакхи-краток преглед на распадот“ на Битолскиот театар, „Физика на тагата“ на Кумановскиот театар, „Животинска фарма“ на Струмичкиот театар, „Смртта на Дантон“ на Албанскиот, „Пиреј“ на Прилепскиот, „На отворено“ на Театар Комедија и вечерашната, „Странци“ на Драмски театар.