7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Реконструкцијата на Градски во тек, Победа во шах – мат позиција (ФОТО – ВИДЕО)

Известува – Никола Димески

https://www.facebook.com/radiopela/videos/1348983945251497/

Градскиот стадион во Прилеп активно се подготвува за финалната реконструкција. Пред два три месеци е завршено поставувањето на кровната конструкција на северната трибина, а во моментов се работи на јужната трибина каде изведувачот, градежната компанија ИЗОФАС до крајот на оваа градежна сезона треба комплетно да го заврши стадионот. Тоа вклучува и средување на оградниот ѕид и заштитната ограда, а треба да се уреди тревнатиот дел од страна на ФФМ.


Фудбалската гордост на Прилеп, пак, Победа е во безизлезна ситуација. Клубот е со долг од околу 9 милиони денари, блокирана сметка, без играчи и тренер , пет акционери кои се откажаа од спонзорство и плус второлигаш. Тешка ситуација за македонскиот фудбалски бренд! Градоначалникот Јованоски во обид да помогне, за да не дојде до згаснување на клубот, денеска вети дека пред Советот на општината ќе предложи дополнителна финансиска инекција за клубот, пред се и да се одблокира сметката.
– Ќе излезам со предлог до советниците на Општина Прилеп , каде ќе побарам да се вложи дополнителна финансиска инекција на ФК ПОБЕДА , за да може да ја одблокираме жиро сметката, за да може да функционира финансискиот дел, а со тоа да привлечеме и фудбалери кои во овој период, најголем дел заминаа. Победа во овој момент нема ниту тренер. Ова е жалосно! Со овој чекор општината го прави почетниот исчекор како инвеститор за во иднина, еве ги поканувам и сите стопанственици и компании во рамките на своите можности да одделат средства за Победа , затоа што Победа ќе биде клуб на градот , не на општината – додаде Јованоски.
Во тек се активностите околу реконструкцијата на јужната трибина каде активно инвеститорот работи на средување на поголемата трибина и сите дополнителни сегменти потребни за средување на Градски. Сеуште Фудбалската федерација на Македонија, според градоначалникот Јованоски, заедно со компанијата од Бугарија, со која има склучено договор, не успеа да го реши проблемот со тревнатиот терен, од засега непознати причини. Во понеделник токму ова ќе биде тема на состанокот кој го најави првиот човек на Прилеп, заедно со претседателот на ФФМ. До крајот на градежната сезона, стадионот треба да биде готов најави Филип Иваноски од компанијата Изофас.
-Главниот дел од бетонските работи кои моментално се изведуваат на јужната трибина се завршени до 70%. Очекуваме до крајот на август да се завршат бетонските работи на јужната трибина, а паралелно се пристапува и на изведба на оградните ѕидови околу стадионот, за да потоа се префлиме на ресторанот и ВИП ложата – рече Иваноски.
На денешната пресс конференција присуствуваа и голем број на некогашни и сегашни фудбалери на Победа кои го поздравуваат овој потег и се надеваат дека Победа ќе се врати онаму каде и припаѓа – во врвот на македонскиот фудбал.
– Упатувам апел до сите бизнисмени да помогнат во сето ова што општината го предлага за да може Победа да застани на здрави нозе – рече некогашниот капитен на клубот Благојче Дамески.
– Треба една активност на спортска линија и да се донесат квалитетни играчи за да се помине оваа Втора лига и да не се размислува само да се одигра оваа сезона, туку да се влезе повторно во елитното друштво – истакна Круме Митрикески некогашен фудбалер на Победа.
Како за потсетување Победа и во претходните години добиваше финансиски средства од општината, а секако во овој период тие средства се преку потребни за да може да функционира прилепскиот клуб , во спротивно тешко дека повторно љубителите ќе гледаат фудбал на градскиот стадион.

Би можело да ве интересира

Локализиран пожарот кај Заград, нема опасност за објектите и манастирот Трескавец

Пела Редакција

Исчезна Александар Јошески, семејството бара помош

Пела Редакција

Започна постапката за собирање потписи за независните листи за локалните избори

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе