Градската библиотека „Борка Талески“ во континуитет го збогатува својот библиотечен фонд. На повидок е уште едно ново дело. Станува збор за книгата, чии автори се: Петар Петрески и Магда Василеска.
„Најпрво претходеа ‘Манастирските библиотеки во Прилеп и Прилепско’, од овде започна сè. Како надоврзување на оваа книга одлучивме со Петар Петрески да ја напишеме оваа книга. Знаевме дека голем број роднини, пријатели, прилепчани поседуваат преку 4.000 примероци што се ‘скриени’, оставени. Затоа решивме да ги посетиме нивните домови и целото тоа заборавено книжевно културно наследство што го гризе забот на времето да го пренесеме во една книга“ вели авторката Магда Василеска, вработен бибилиотекар во градската бибилиотека.
Според директорот на библиотеката, што е коавтор на книгата, Петар Петрески подготовките на „Семејните библиотеки во Прилеп“ траело подолго време.
„Знаевме дека ова е интересна и благородна идеја за издавање на една ваква книга. Во книгата се претставени нашите прилепчани и нивните семејни библиотеки со што потврдуваме дека Прилеп и во минатото, па и сега претставува еден историски и духовен центар на Македонија. Навистина сме среќни што е во завршна фаза и што може да ја види виделината на денот. Сега во моментот чекаме да се распише тендер за печатење, но во рок од два месеца ќе го промовираме и ова дело“, вели директорот Петрески.
Библиотеката „Борка Талески“ и за оваа година има предвидено голем број на активности, што на минатата седница беа изгласани од Советот на Општина Прилеп. Планирани се набавки на актуелна литература од повеќе автори и издавачки куќи, по поволни цени. Издавачката дејност на библиотеката ќе продолжи и во овој период, така што покрај традиционалните изданија на зборникот „Поетско Маркукуле“, ќе се издадат и други публикации коишто го бележат културниот живот во Прилеп, а чии автори се исто така од Прилеп.