0.6 C
Прилеп
петок, 22 ноември, 2024
Пела Радио

Јованоски: Молитвите за Велигденските празници испратете ги од дома

Заедно со денешните 11 нови случаи, вкупниот број на граѓани позитивни на КОВИД-19 ја достигна бројката 100. Во самоизолација се наоѓаат 422 лица, а во изминатото деноноќие едно лице не го почитувало полицискиот час и против него е поднесена соодветна пријава.
Тоа е најкраткиот рапорт по однос на состојбата со коронавирусот во општина Прилеп, која на прес конференција одржана непосредно после седницата на Општинскиот штаб за управување со кризи, ја соопшти градоначалникот Илија Јованоски.

 „На денешната седница констатиравме дека, после вклучувањето на припадниците на Армијата во асистенција на полицијата за одржување на редот и почитување на мерките за заштита од коронавирусот, ситуацијата е подобрена. Во најголем дел е решен проблемот со гужви пред банките, големите маркети и Градскиот пазар. Меѓутоа, сеуште се прават гужви пред маалските продавници во одредени населби во градот, заради што уште еднаш апелирам до сопствениците на дуќаните и до граѓаните, да ги почитуваат мерките и препораките за одржување на физичко растојание од минимум два метра и на себе да носат заштитни маски. Денеска ќе се чистат улиците во градот, а во текот на утрешниот ден и во сабота, ќе бидат дезинфицирани сите улици, јавни површини, паркови и влезови во згради“, истакна градоначалникот Јованоски.

Градоначалникот потенцираше дека Општина Прилеп има обезбедено 60.000 заштитни маски, од кои дел ќе бидат поделени во текот утрешниот ден. Маските ќе ги делат волонтери, кои ќе бидат стационирани во сите делови на градот, односно онаму каде во текот на денот се очекува поголемо присуство на граѓаните – пред поголемите маркети, пиљари, месарници и Градскиот пазар.
Епидемиологот од Центарот за јавно здравје, Татјана Станимировиќ, нагласи дека во деновите кога се очекува коронавирусот да го достигне својот пик, мерките кои ги преземаат Општинскиот кризен штаб и здравствените институции, спречуваат бројката на инфицирани да биде многу поголема од актуелната.

„Од вкупно 100 заболени лица, 77 лица се лекуваат во домашни услови, а 23 во болнички услови. Во моментов, во Инфективното одделение има 18 хоспитализирани лица од кои 15 се со потврден КОВИД-19, а останатите се сомнителни на коронавирус и се чека резултат од нивното тестирање. Бројот на инфицирани здравствени работници во Прилеп изнесува 8 и во споредба со другите градови не е голем. Под здравствен надзор се ставени 30 здравствени работници. На дел од нив им е поминат периодот во самоизолација од 14 денови, а сите останати ќе бидат тестирани“, потенцираше Станимировиќ.

По повод претстојните Велигденски празници, од денешната прес конференција градоначалникот Јованоски упати честитка до сите граѓани. Честитајќи им го празник над празниците, денот кој ја празнува и слави победата на животот над смртта, градоначалникот упати апел молитвите за здравје, среќа и бериќет, граѓаните да ги испратат од своите домови.
„Искушенијата што нè снајдоа, нека ни бидат за зацврстување на верата и за духовно напредување. Затоа, за овој Велигден останете дома и од нашите домови да ги испратиме молитвите за здравје, среќа и бериќет на нашите блиски. Празнувањето на Христовото Воскресение да ни даде сила да се справиме со искушенијата пред кои сме исправени и следниот Велигден повторно да го славиме во храмовите ширум нашата татковина“, порача градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

Би можело да ве интересира

Прилепските пожарникари добија донација

Гордана Цветаноска

Одбележувањето на 64 години од смртта на Методија Андонов Ченто остана незабележано во неговиот роден град

Елизабета Филипоска

Во Прилеп слави ВМРО ДПМНЕ со (неофициално) три свои пратеници

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе