7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Здружението „Надеж за сите“ слави 1 година од постоењето

Хуманоста ги зближува луѓето кои сакаат да помагаат на другите. Доказ за ова, е случајната и спонтана „средба“  меѓу три дами на социјалните мрежи,  кои сакале да се здружат и помогнат.  Васе, Билјана и Маја кои претходно меѓусебно не се познавале, а желбата да им се даде рака на семејствата да ги надминат тешките моменти,  вроди со плод – денес  Хуманитарното здружение „Надеж за сите“ слави 1 година од оснивањето. Трите храбри и вредни водилки на организацијата се неуморни, а со особена радост велат дека се благодарни што преку донација успеле да обезбедат  магацински простор и канцеларија за работа на здружението.

– Се најдовме трите на фејсбук случајно, и по неколку акции за помош на семејства, одлучувме да си основаме некое наше здружение што навистина ќе биде од корист за луѓето, вели Васе Благадушоска.

Најмногу барања за помош и контакти со донатори тие обавуваат преку социјалната мрежа, а планираат да продолжат со исто темпо и понатаму.

– Новите простории ќе ни бидат од корист затоа што ќе можеме да ги складираме донациите, да имаме одредена локација од каде ќе доаѓаат луѓето да ги подигнат пакетите од храна, облека и друго, вели Маја Божиновска.

Хуманоста нема граници, велат тие, а во вакви тешки времиња кога барањата за помош од ден во ден се зголемуваат, секогаш се тука да посредуваат подадената рака да стигне на вистинското место и време. Изненадени се од одзивот на апелите упатени од семејства преку медиумите или социјалните мрежи.

– Им се заблагодаруваме на сите кои донираат, поединци, семејства, фирми, од земјава и од странство. Упатуваме апел до добронамерници, хумани луѓе да не’ поддржат, зашто потребна ни е финансиска помош за да опстоиме и понатаму како здружение, вели Билјана Глигорова.

Тие делуваат низ цела Македонија. Дневно од почетокот на годинава се случувало да добиваат и по 20 повици за помош, покрај редовните контакти со социјално загрозените семејства кои се во нивната мрежа.

– Изминатата година успеавме да помогнеме на над 600 семејства, но бројот на апели за помош се зголемува, има  фамилии кои редовно се грижиме да не останат без леб, без храна. Има и такви случаеви од семејства со дечиња кои немаат буквално леб да јадат, велат тие.   

За жал, освен со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп, соработката со останатите општински и државните институции не  е за пофалба, иако едно вакво здружение треба да биде „десна рака“ за поддршка на социјална загрозените семејства.

– Баравме помош од општината, упативме апел и до Претседателот на Република Македонија но бевме одбиени. Немаме никаква поддршка од институциите, така што ако не добиваме помош од донаторите, тука застанува и нашата работа. Но нема да се предадеме, ќе настојуваме со сите сили да помагаме и натаму. Доколку нема донации ќе се намали бројката на луѓе и семејства каде што ние ќе можеме да одговориме со помош, рече Билјана Глигорова.

Здружението „Надеж за сите“ чија што основна цел е хуманоста, добива помош за семејствата од Македонија од целиот свет, а најчесто од нашинците од Германија, Швајцарија, Австралија…  

Како резултат на соработката со нашиот медиум која што такаречи се одвива уште од самиот почеток на делување на оваа хуманитарна организација, Радио Пела доби Благодарница за медиумската поддршка која што несебично и во иднина ќе ја остваруваме со Здружението „Надеж за сите“.

Храбри дами и хуманистки – среќен роденден на вашето здружение кое влева надеж дека вербата во луѓето сеуште постои !!!

Би можело да ве интересира

Петиција за итно обезбедување квалитетни инсулински пумпи и сензори !

Пела Редакција

Прилепски пензионери спречени да патуваат на заедничка прослава во организација на Здружението на пензионери

Пела Редакција

Витаминка ќе го донира вишокот храна

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе