Mинистерката за образование и наука Мила Царовска, градоначалниците на Прилеп и Крушево и директори од средните стручни училишта од двете општини, како и претставници на бизнис заедницата ги продолжија средбите во рамки на платформата за јавен приватен дијалог во областа на образованието и стопанството. Состаноците се дел од процесот „Учи паметно, работи стручно“
– Се утврди од анкетата дека голем дел од компаниите имаат потреба и имаат можност да се вклучат во заедничко спроведување на образованието во средните стручни училишта. Тоа би значело воведување на еден дуален систем. Голем дел од компаниите истакнаа дека би ги отвориле вратите за феријална пракса за ученици од средните стручни училишта. На овој начин преку овој дијалог сакаме да создадеме доверба помеѓу училиштата и компаниите на локално ниво, но исто така профилите кои ќе ги отвориме во средните стручни училишта за 2021/2022 г. учебна година да бидат согласно нивните потреби и да се трудиме што поголем број од учениците кои што ќе се запишат во тие струки понатаму да имаат пракса во компаниите. На тој начин компаниите да имаат можност да го спремаат својот иден кадар и вложувањето да го направат во период на образование, истакна Царовска.
Клучот на успехот е препознавање на потребите на стопанството од стручни кадри, кои би се едуцирале соодветно во средните училишта.
– Локалниот економски развој токму зависи од ова – дали имаме доволен број на кадри, оспособени во сите стопански субјекти каде има недостаток, а последниве неколку години има голем недостаток од стручен кадар во техничиот дел. Токму почетокот на дуално образование кое што се заговара во последно време, а во Прилеп (СОУ „Ристе Ристески Ричко) тоа се прави во две струки во соработка со компаниите Витаминка, Гентерм и ВИК, тоа е клучот на успехот, и за компаниите и за средните училишта да продолжат во таа насока да создаваат кадри за наредниот период , рече градоначалникот Јованоски.
Од Стопанската комора на Македонија потврдуваат дека неколку години со ред се јавува потреба според анализите кај стопанството за стручните кадри претежно од ниски мануелни вештини што се бравари, заварувачи, механичари, електротехничари, електричари и оператори со ЦНЦ машина.