11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Кои се пораките од сеземјоделскиот протест во Прилеп?! АУДИО

Исплата на заостанатите субвенции, ветената помош од анти ковид пакетот, прилагодена законска регулатива кон барањата на земјоделците што ќе овозможи развој, а не стагнација, јасна и прецизна стратегија за поддршка на македонскиот аграр бараат земјоделците од повеќе сектори и региони во Македонија. Револтот кон актуелната аграрна политика тие денеска го изразија преку двочасовен Сеземјоделски протест во Прилеп кој што започна од пред Липа, по булеварот Гоце Делчев, до кружниот тек кај Карпалак, а заврши пред општинската зграда, каде беа упатени следните пораки (АУДИО):

– Со неисплатени субвенции, мерки, подмерки, ковид пакети за тутунарите и лозарите, со најави за закони за зелената такса и за продажбата на земјоделското земјиште и со куп проблеми, ситуацијата за земјоделците е тешка. Решивме да го направиме овој предупредувачки протест токму на ден Петровден да го кренеме гласот и да ги предупредиме надлежните дека во државата земјоделството не ни оди на добро. Да земат предвид дека оваа категорија ја рани нацијата и финансиски придонесува во буџетот, изјави Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија.

Земјоделците бараат повлекување на законите за зелена такса и за продажба на земјоделското земјиште. Проблемите со откупот и ниските цени се провлекуваат во сите сектори.

– И кај нас, оризарите, ситуацијата е катастрофална. Откуп немаме, цената нагло падна, а еве за два месеца имаме нова реколта и жетва и ситуацијата е алармантна. Апелираме доколку не се реши овој проблем во најкраток можен рок ќе ги радикализираме протестите, и кај нас во нашите краишта ќе има вакви протести. Голем проблем е што дури 50 до 60 проценти има заостанат ориз од лани, непродаден, а откупната цена е ниска, и беше ниска целата година, а сега нема откуп.Кај нас е проблем откупот, ниската цена, доцната сеидба, несиплатената нафта, вели Стојче Ташовски претставник на оризопроизводителите од кочанско.

Лозарите имале средба со винариите и ресорниот министер, на почетокот од месецов, со цел да договорат откупна цена предвреме. Меѓутоа, до договор не дошло.

– Ние бараме од државата и од лозарите да си има заштитна, почетна, најмала цена за грозјето, од која винариите не смеат да одат пониско. Еден кгр грозје чини 12 до 13 денари, а грозјето се купува 10, 9 до 2 денари за кгр. Немаме покритие. Бараме заштитната цена да биде за вранецот 17 денари, а 15 денари за смедеревката, плус три денари помош од државата, вели Тане Јошев, регионално здружение „Тиквешки лозароовоштари“ од Кавадарци.

Земјоделците велат дека протестите не се партиски, тие се организирани преку социјалните мрежи. Тие претходно упатија покани за присуство до претседателот Стево Пендаровски, до премиерот Зоран Заев, до ресорниот министер Арјанит Хоџа, до пратениците и градоначалниците. Никој од поканетите не се појави на протестот. Организаторите најавуваат радикализирање на протестите низ повеќе региони доколку наскоро не се решат проблемите на земјоделците.

Во продолжение пораките упатени од повеќе земјоделци од пред општинската зграда во Прилеп:

Би можело да ве интересира

Колоски: Дијаспората е партнер во градењето на иднината на Македонија

Гордана Цветаноска

Концерт на виолина и пијано „Љубовен триптих“ во Цепенков

Пела Редакција

Пуштен за сообраќај патот Росоман – Прилеп

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе