7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

По патот на пивото –до патот на успехот

  Како старите копачи на злато, мора да се помириш со тоа дека треба да ископаш многу песок, од кој потоа трпеливо ќе измиеш неколку ситни зрнца злато. Успехот доаѓа кај тие што се осмелуваат и дејствуваат, а не кај тие што се плашат од последиците,“ – извадок од монографијата „ Сеќавања”  од Кирил Самарџиоски, претседател на Управниот одбор на Прилепска пиварница“ (која ја добив како подарок, со нескриено изненадување и огромно задоволство) со посвета „Со задоволсто и со почит“ на Елизабета Филипоска – Кирил Самарџиоски, 3 февруари 2017)

Можеби сте биле, можеби не, во Прилепска пиварница, но како новинар имав можност, деновиве, да ја разгледам. Повод –  новата линија “state of the art” за полнење на пиво и безалкохолни пијалаци, автоматизирана, софистицирана, модернизирана, последен збор на технологијата …

Тргнавме од влезот – гордоста на Прилепската Пиварница каде стои мозаик на кој е НАСЛИКАН „Крали Марко“ симболот на Прилеп и Прилепската Пиварница и годината 1924 г., од кога се и првите почетоци на пиварницата.

Низ фабриката не водат сопствениците, Панде Самарџиоска, заменик генерален директор  и Сашо Самарџиоски, генерален директор.

Станува збор за семеен бизнис и грижата за секој детаљ е важна за овие двајца млади луѓе кои својата посветност ја насочиле кон изградба на имиџот, квалитетот и препознатливоста на Прилепска Пиварница во светот на пивото.

Јас би сакала да ви ги пренесам моите импресии (впечатоци). Можеби некој нема да ја прочита оваа приказна за Прилепска Пиварница, можеби некој кога ќе ја прочита нема да се сложи со моето забележување, но јас само сакам своите импресии да ги пренесам, онака како што ги доживеав.

Панде Самарџиоска беше задолжена да не’ води „по патот на пивото“. Во нејзините описни раскажувања, како се создава горчливиот – пријатен вкус на пивото, кој некои го сметаат за хранлив напиток, а други за алкохол, таа говореше со таква енергија, леснотија, воодушевување и перфекција, сакајќи што повеќе детаљи да ни раскаже, ставајќи акцент на она што е најважно при производството на  пијалаците, високата  хигиената при технолошко – техничкиот процес на обработка на пивото. Дури и  „вентилите, цевчињата, прозорците, капаците, казаните … “сето тоа за неа беше важно и треба да биде надпросечно хигиенски чисто, недопрено од надворешен фактор, од човечка рака, каде што Прилепска Пиварница несомнено го достигнала максимумот.

Машините кои ја чистеа вратената амбалажа сами реагираат, доколку некое нечисто празно пивско шише во кое некој купувач ставил пластична цевка или отпушок е скршено или напукнато. Тоа веднаш  прави експлозија и мора да запре процесот за да се отстрани – (на што бевме ете и ние сведоци – како да пукна бомба во погонот, кога машината „откри“ нечистотија во празното пивско шише… )

Познавањето на Самарџиоска за секој сегмент од обработката на пивото, за секој процес, за секоја ситница, начин на дозирање, обработка,… беше зачудувачки и восхитувачки интересно, а љубовта кон она што го работи и се читаше од нејзините очи, глас, гестикулација …, сакајќи да ни пренесе што повеќе информации за „Патот на пивото“, за нешто да не остане недоразбрано, недоречено, нејасно, нешто битно и важно за производот, кој очигледно, без скриени емоции, е гордост на семејството Самарџиоски, на градот, а несомнено мора да и биде и на државата.

Семејството велат е најголемиот критичар, а ако за технолозите е важна секоја ситница за квалитетен производ, за економистите, важно е времето, бидејќи тоа е пари. Па нејзинот помал брат, односно директор на Прилепската Пиварница, Сашо Самарџиоски, често, онака братски ,но и деловно, знаеше да ја опомени „да скрати“ со објаснувањата, зашто „времето истече“.

А, приказната продолжи кај економистот, Сашо Самарџиоски. Вели „имаме вработено 260 “луѓе. ( Но, верувајте, шетајќи ја целата фабрика помислив дека заради нас новинарската делегација со претставниците од локалната самоуправа, денес фабриката не работи, оти  едвај изброив  10-тина  работници во повеќето погони каде поминувавме при нашето разгледување на Пиварницата)

Прилепската Пиварница со софистицирана, најмодерна опрема за производство на пиво и безалкохолни пијалаци, создала можност неговото величество ПИВОТО да доминира, а луѓето само да го контролираат производствениот процес. Уште повеќе воодушевувачки е што ваква компанија се наоѓа во срцето на Пелагонија, во мојот град, во мојот Прилеп. Просто човек да не верува дека тука, во  Македонија, има  модерна, светска, брендирана, софистицирана, организирана, општествено одговорна, деловна, отворена без памфлети и помпезности, компанија од светски рамки … како да е некаде во Швајцарија или Норвешка.

Впечатокот доби на тежина уште повеќе кога Самарџиоски соопшти колку фирмата е општествено одговорна и кон општината во која се наоѓа, и кон државата во која припаѓа, со цифрите и милионските суми кои значат подмирување на своите даночни обврски каде припаѓа во една од 10-те македонски компании кои ја почитуваат својата држава.

Но, во секоја приказна има и „лоша вештерк“. Се’ не е така идеално ниту во Пиварницата.  За Прилепската Пиварница „лошата вештерка “ е недостигот на квалификувана работна сила.  „Никогаш не практикуваме да преземеме работници од друга компанија, зашто сакаме  да ги калиме младите луѓе по наш тертип,“ рече Самарџиоски (“Избегнувајте вработување на човек, кој променил многу фирми  „Камен што се тркала не тежи“- „Сеќавања“- Кирил Самарџиоски, нивниот татко и некогашен генерален директор на Пиварницата)  – Но, недостигот на ВК работна сила на пазарот на трудот, создава големи тешкотии кои ќе се одразат во наредните години. Затоа треба да се направи спој со потребите на пазарот на трудот и образовниот процес, напомена  тој.

Нема дреари, бравари, заварувачи, електроинжинери, машински инжинери, технолози…младите својот пат го бараат надвор од државата, но и образовниот кадар не содејствува на потребите. Жално, а сите бараат работа..!

Сепак, приказните сметам дека секогаш треба да имаат убав крај. Па и оваа, мојата. Прилепска Пиварница денеска се гордее со круната на успехот, наградата „златна плакета“ на Пепсико, која ја добија, верувале или не, само 18 компании во СВЕТОТ, меѓу кои и „Прилепска Пиварница“. Таа е синоним дека со посветеност, одговорност, мудро  менаџирање, грижа за вработените, околината, капиталот,  по патот на пивото може да се стаса до патот на успехот!

               А,  таткото, Кирил Самарџиоски,  пензиониран генерален директор на  Прилепска Пиварница, претседател на Управниот одбор на Прилепска пиварница , им остави аманет (златни правила за водење на компанијата- татковски и директорски совети) напишан  во неговата книга – меморијал  „Сеќавања“

 –   Без исклуок навреме и во целост да ги надмирувате законските обврски кон државата;

 –  Мотивацијата на вработените да ви биде еден од врвните приоритети во менаџирањето на компанијата;

 –  Треба просечната плата да биде најмалку 10% поголема од просекот во државата,а најголема во општината

 –  Најстрогото да се придржувате на својот даден збор кон деловните партнери;

 –  Со деловните партнери, пријателство без граници, со бизнисот, коректност со почит;

 –  Почитувајте ја конкуренцијата, може да научите нешто;

 –  Не го цени човекот по неговиот одговор, туку по неговото прашање;

 –   Секогаш знајте, неточната информација е полоша од никаква;

 –   Најголема грешка може да направи бизнизменот кога има најмногу пари.

Би можело да ве интересира

Се поставува вертикална сигнализација на Кеј 1 Мај

Гордана Цветаноска

Талевски: Се обврзавме и стоиме на ветеното за тутунарите

Гордана Цветаноска

Што содржи Предлог законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост?

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе