11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Патиштата се различни, целта е една!

Сојузот на синдикатите на Македонија повикува на синдикален марш по повод одбележување на 1ви Мај – Меѓународниот ден на трудот и 110 години синдикално движење во Република Македонија.
Синдикалниот марш ќе започне пред зградата на ССМ во 10:30 часот. Синдикалците ќе маршираат под мотото „Патиштата се различни, целта е една!“

 


Една и единствена цел имаат и работниците од Еурокомпозит 11 Октомври, а тоа е решавање на социјалната агонија во која се наоѓаат повеќе од една деценија. По повеќекратните протести, блокади на патиштата, штрајкови, преговори и неисполнети ветувања од страна на надлежните, работниците на Денот на трудот ќе се приклучат на маршот на Сојузот на синдикатите на Македонија во Скопје и остануваат пред Владата се до изнаоѓање решение за нивните проблеми.
– Се приклучуваме кон маршот на ССМ за Меѓународниот ден на трудот. Решителни сме да останеме да протестираме пред Владата, ќе поставиме шатори. Нашите барања се исплата на ветената плата, подмирување на заостанатите придонеси и плати. Бараме средба со премиерот Заев и почеток на решавање на агонијата во која Еурокомпозит се наоѓа повеќе од една деценија, вели Роберт Темелкоски, претседател на синдикалната организација.
Во Еурокомпозит 11 Октомври работат 260 лица со нерешен социјален статус во компанија која е во целосно државна сопственост.

По повод Меѓународниот ден на трудот, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува новинарите на Првомајски протест, со кој бара под итно да запре игнорирањето на проблемот на работните услови на новинарите и медиумските работници. 

Првомајскиот протест започнува во 13 часот од скопскиот плоштад Карпошово востание (Филип Втори), а потоа се маршира до Собрание и Влада.
Пред претстојниот празник на трудот 1 Мај, од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија најавија дека нема да одржат протест, а од Владата побараа отпочнување преговори во делот на платите, согласно Законот за работни односи и колективните договори, задолжително учество во најавениот ребаланс на Буџетот во делот на платите, како и социјалното партнерство да почне да функционира и на централно и на локално ниво.
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија смета дека економско-социјалната состојба во државата е лоша, оти социјалното партнерство и дијалог не функционира, се кршат одредби од колективни договори и закони, особено законите за работни односи и за пензиско осигурување, а се бележат притисоци за зачленување или прекин на членство во одредени синдикати.

   Зошто работниците во светот го празнуваат 1 мај – Меѓународниот ден на трудот?

Овој ден се одбележува во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржа од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго. На овој штрајк, организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден, б еше употребена сила од страна на полицијата, при што имало и жртви. Подоцна, организаторите на штрајкот биле изведени на суд, при што четворица од нив биле и погубени. Во знак на почит кон жртвите од штрајкот во Чикаго, Втората интернационала на својот конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба. Оттогаш, традиционално, на 1 мај секоја година во повеќе земји ширум светот се одржуваат демонстрации во знакот на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот, а во Македонија до 2006 година се празнуваше два дена, 1 и 2 мај, додека од 2007 година се празнува само 1 мај.

Би можело да ве интересира

Градска библиотека издаде библиографија за Коле Чашуле

Елизабета Филипоска

Посета на претставници од Република Австрија во организација на Мрежата на ЛАГОВИ и ЛАГ АГРО ЛИДЕР

Ноќеска почнува летното сметање на времето

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе