Со изложбата на слики „Поглед, кон недоглед“ академскиот уметник Марјан Стојаноски од Прилеп, ќе се претстави во КИЦ на Македонија во Тирана, Албанија. Изложбата ќе биде отворена на 11 -ти септември 2023 /понеделник/ во 20.00 часот. Стојаноски изложува 16 дела – слики, за кои Викторија Димеска, историчар на уметности вели дека се создадени со виорен и енергичен јазик и се асоцијативно-апстрактни композиции.
-Академскиот уметник Марјан Стојаноски понесува со моќна експресивност. Комбинирајќи цртачки и сликарски техники, тој создава слоевита, комплексна и динамична содржина богата со контрастна изведба на линиите и боените површини. Слободна имагинативна изразност вирее од ракошниот семиотички јазик применет за креирање на асоцијативните апстракции. Од севкупната хипнотизирачка комплексност на метафоричните синтагми провејува чувство на леснотија и безгрижност, вовлекувајќи го погледот во бескрајна длабочина на фантазијата – вели Викторија Димеска, историчар на уметност.
Стојаноски, минатата година имаше изложба во КИЦ во Софија, Бугарија, со скулптури од различен формат. Изложбата „Panta rhei“ со ротирачки скулптури, изработени во метал и елементи од дрво, предизвика голем интерес во бугарската јавност. Марјан Стојаноски завршува ФЛУ во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди.Член е на ДЛУП и Друштвото на ликовни уметници на Македонија ДЛУМ. Во два наврати е претседател на ДЛУП, каде што во 2015 година како член ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул”. Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби.