Свое обраќање денеска во Прилеп имаше кандидатката за претседател проф. д-р Билјана Ванковска која оствари неформални средби со прилепчани во центарот на градот кај Градската саат кула. Според Ванковска, согласно програмските определби на Левица и финансиските можности ваквиот начин на средби со граѓани бил најдобриот со цел да искомуницираат со граѓаните.
„Програмата на партијата е достапна и онлан и ја делиме на штандовите, меѓутоа мислам дека граѓаните сакаат жив контакт. За жал можам да кажам дека ТВ куќите, а и кандидатите избегнуваат директни соочувања сите да кажаме што мислиме за различни прашања, така што јас сум овде да одговорам на она што ги интересира граѓаните. Нашата кампања е таква какви што сме и ние. Ние сме партија од народот за народот, од сиромашните, од обесправените, од дури и ако сакате и оние кои сеуште градат храброст да кажат каде припаѓаат, каде идеолошки се позиционираат. Затоа се важни овие директни средби. Секој од овие наши директни подржувачи околу себе го шири позитивниот тренд и добрата вест за тоа што може Левица, што може Ванковска. Средбите се топли, се срдечни, се непосредни, некогаш трогателни со емоции затоа што луѓето имаат потреба. Кога сте на митинг и на голема бина, вие долу не можете да ги чуете, меѓутоа ако сте на исто рамниште со нив разговарате со живи луѓе, па и кај мене ќе протече солза и кај нив, ќе се разбереме и ќе сфатиме дека сме заедно на еден брод кој дефинитивно тоне. Мене ми е жал да кажам дека во Македонија наоѓаме слична слика, на подиспразнети градови, на разочарани родители чии деца веќе заминуваат или се заминати. Така што се бориме да го сочуваме она што останало, колку е тоа можно, сметаме дека е моментот сега или никогаш “, рече Ванковска.
Програмата со која што настапува за претседателските избори Ванковска ја оцени како оригинална со оглед на тоа што ниту еден кандидат ги нема сите прашања на едно место:
„Јас настапувам со една оригинална платформа која ја нема ниту еден кандидат и барем не сите прашања на едно место. Со тоа што настапуваме не со прашања: „Дали Бугарите во Устав, или не“, туку со сосема нов Устав бидејќи овој продуцира практично еден нефункционален политички и уставно – правен систем. Потоа имаме во план раскинување на договорот со Бугарија тука нема дилема тоа е најлесната формално правна задача што може еден претседател да ја направи. Преспанскиот договор исто така ќе биде предмет на преобмислување, односно оспорување во периодот што следува, се разбира станува збор за 5 годишен мандат во кој едно по едно многу болни и многу сериозни прашања ќе се случуваат. Она што дефинитивно ме дефинира мене како кандидат е постапката за излегување од НАТО затоа што според мојата проценка и како професор и како еве сега и во политичка функција светот влегува во една нова фаза на редифинирање на меѓународните односи, меѓународната безбедност и мислам дека на Македонија не и’ треба инвестирање во туѓи војни во империјални војни и никако ниту нашиот буџет ниту нашите деца се за туѓи боишта, така што тоа е една од работите која што ниту еден кандидат нема да ја предложи,“ посочи проф. д-р. Билјана Ванковска која одговораше и на новинарски прашања, а денеска ќе го посети и Демир Хисар.