Вечерва во Центарот за култура „Марко Цепенков“ се одржа концерт на македонскиот етно-музичар Александар Јовевски кој заедно со колегите инстументалисти и со вокалистката Габриела Новевска го претстави својот албум „Од колено на колено“.
Малубројната публика и музичарите на сцена создадоа интимна атмосфера во фоајето на Центарот, а тоа пак предизвика со големо внимание да бидат слушани изведбите и истите да бидат наградени со срдечни ракоплескања.
Секогаш ми е драго да настапувам во Прилеп затоа што и моите почетоци со музицирањето на народни инструменти се поврзани токму со овој град и со фестивалот ,,Пеце Атанасовски”. -рече Јовевски
Концертот е дел од годишната програма на Центарот за култура, поддржана од Министерството за култура и туризам, а во рамки на прославувањето на јубилејот -45 години постоење на институцијата.
Во програмата во живо и на Youtube каналот на Радио Пела ќе можете да го погледнете и интервјуто со Александар Јовевски снимено непосредно пред концертот.
Известува: Филип Димкоски