„Уметноста, културата и традицијата како експресивно и комуникациско средство/алатка за изразување и делување во популаризација на локалните заедници“- беше тема на работилницата во Прилеп, во рамките на проектот „Зајакнување на гласовите: Колаборативен центар за квалитетно новинарство “ поддржан од ГИЗ. Новинари од три медиуми од Прилеп и Кочани се запознаа со нови, поинакви начини во афирмација на локалните заедници преку настани и личности од сферата на уметноста, културата и традицијата. Тренер/обучувач Звонко Димоски, културолог, преведувач, театарски критичар, граѓански активист.
- Разговараме за процеси, појави кои што зборуваат за нови аспекти во медиумското работење: актуелизација на теми, на личности, како локалните новинари можат да делуваат позитивно за нивна афирмација, како можат да бидат новиот светоглед на локалното население.Односно да се јават во улога на тоа што денеска можеби модерно го нарекуваме претприемач во поширока примена. Низ неколку примери од Македонија, Балканот и светот направивме перспективи и алатки кои можат да се користат во нивното локално работење, вели Димоски.
Темите од културата можат да се обработат и пренесат доколку се „гледаат“ низ временската призма на променливоста, или пак од поблизок агол, поприемчив до публиката/јавноста низ новинарски приказни, а тие да се атрактивни за читателот, гледачот или слушателот.
- Проектот е актуелизирање на локалните новинари и медиуми и нивното значење. Ова е можност за поврзување на засега 3 медиуми од Прилеп, Скопје и Кочани преку генератор на вести кој што функционира од март оваа година. Оваа е по ред трета работилница. Се обидуваме да работиме на теми кои што се во моментов актуелни, да се потсетиме на одредени алатки за новинарите, но и да научиме нешто повеќе поврзано со модерните начини на работење. Пред се’ тука се социјалните мрежи, но и новите техники на работење, како што е користењето на мултимедијалните алатки во ова време кога ни се неопходно потребни. Се надевам дека овој генератор на вести www.novo.org.mk ќе предизвика внимание и за други локални медиуми да ни се приклучат и да можат својот глас да го кажат многу појако, бидејќи така се вика и проектот (Зајакнување на гласовите) и да стигне до македонската јавност. Се надевам дека и другите медиуми радија, телевизии и портали ќе ни се приклучат и преку овој генератор на вести македонската јавност да биде запозната многу повеќе за настаните и актуелностите кои што се случуваат во локалните заедници, вели Гордана Цветаноска, уредник на Радио Пела, лидер медиум во проектот.
Проектот „Зајакнување на гласовите, колаборативен хаб за квалитетно новинарство“ трите медиумски организации Радио Пела, порталот текст.мк од Скопје и Радио Кочани партнерски креираат новинарски мултимедијални содржини користејќи напредни алатки на заедничката платформа – генератор на вести www.novo.org.mk . Во рамките на проектот досега одржани се три интерни работилници на различни теми, актуелни за работата и интересот на новинарите.