Под мотото „16 дена активизам против родово базирано насилство – но што потоа?“ во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп денеска одржа прес конференција со цел да се насочи вниманието на јавноста за растечкиот тренд на појавата од родово базирано насилство, онлајн насилство и семејно насилство. Социјалните работници, педагози и психолози вработени во Центарот информираа за подемот на пријави и поплаки од жени, девојки и од деца кои биле жртви на насилство. Алармираат дека е потребно за справување со оваа појава заедницата мултисекторски да работи 365 денови во годината, а не само 16 дена во рамките на кампањата.
-Центарот и добиените пријави од претходната година и тековната 2024 година, бројот на пријави добиени во Центарот е зголемен и до овој момент има 84 пријави не сметајќи ги пријавите заведени како поплаки. За жал оваа година зголемен е бројот каде жртви на семејно насилство се јавуваат децата. Минатата година имавме 2 деца жртви на семејно насилство, а годинава имаме пријавено 6 деца жртви и за нив имаме поднесено предлог до Основен суд за изрекување на мерки за заштита кои се изречени. Пред се’ се работи за физичко насилство од еден од родителите, вели Јасминка Митреска, социјален работник, раководител.
За другата форма: сексуалното вознемирување, демнењето и контролирачкото однесување како родови форми на насилство, велат од Центарот за социјална работа, потребно е подигање на свеста со посебен фокус, бидејќи е реален предизвик.
– Овој вид на насилство влијание врз благосостојбата и развојот на младите жени и девојки, со оглед дека имаме ниска стапка на обвиненија и истрага за овие дела, а за жал кај жртвите не постои препознавање на истите и бројот на вакви пријави е многу мал. Многу мала примена на мерката отстранување од домот на насилникот како ИТНА МЕРКА која е во надлежност и должност на другите институции, а се изрекува во текот на 12 часа од пријава на насилството. Со тоа се зголемува стравот и неизвесноста кај жртвите бидејќи се доведуваат во ситуација – наместо тој што го предизвикува насилството да биде отстранет, жртвата е принудена да го напушти домот и да се смести било во семејство на блиски роднини или во соодветен шелтер центар, посочи Тања Тренкоска Алексоска, правник.
Соодветен шелтер центар за сместување во Прилеп нема, па социјалните служби се принудени да преземаат други мерки за заштита на жртвите.
-Прилеп нема шелтер центар, па се користат шелтер центрите од другите градови во државата. На тој начин се јавува проблемот со следење на наставата на децата кои се во образовен процес, а се сместени таму, се соочуваат со проблем на адаптација, прилагодување во новата средина, ограниченото движење, недостасуваат нивните другари. Недоставува и советувалиште за жртви во Прилеп, посочи Гордана Велјаноска, психолог.
Модерното време бара поопсежна мултисекторска стратегија за справување со насилството, соодветни правни регулативи, згрижувачки центри, но и соодветна заштита за вработените од Центрите за социјална работа кои се вклучени за решавање на случаите со семејно насилство.
-Соочени сме со закани, навреди, заплашување, лични освети, нанесување штети на личен имот, закани кон семејство, изложување на ризик посебно кога треба да ја извадиш жртвата од домот и да и обезбедиш соодветно сместување. Работата под стрес е секојдневие и влијае врз секојдневното наше функционирање и во приватниот живот, постои наше емоционално и професионално согорување бидејќи недоставуваат соодветни обуки, психосоцијална поддршка,како и недостаток на стручен кадар во центрите општо, рече Ангела Чавкоска Симоноски, психолог во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп.