Денес напладне во просториите на Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата на икони „Благовестие во бои“ од уметникот Златко Лечковски.
Целиот негов уметнички пат е поврзан со иконописот, а досега создал околу 3000 дела. Третпат изложува во Прилеп и на оваа изложба се претставува со дваесет дела.
Делата се изработени во акрилна техника, а меѓу нив е и реткиот мотив Свето семејство. Целото творештво го посветувам на иконографијата затоа што мислам дека тоа е моја мисија-рече уметникот Лечковски.
Златко Лечковски е роден во 1982 година во Битола, каде и денес живее и твори. Со негови икони учествувал во неколку заеднички изложби, како и 10-тина самостојни, во најразлични градови од нашава земја Негови дела можат да се видат низ земјите од Европа, а значајно е да се спомнат неколкуте икони што ги изработува за бискупот на Англиканската црква Ричард Чартрес и една икона за папата Франциско.
Изложбата ја отвори историчарот Горјан Василевски во присуство на градоначалникот на Општина Прилеп, претставници на локалната самоуправа, претставници на општинските иснтитуции и граѓани љубители на уметноста и иконописот.
Горјан Василевски, меѓу другото рече дека византиската уметност е нераскинлив дел од суштествувањето на македонскиот народ и на христијанскиот свет.
Со византиската уметност ние се доближуваме кон духовниот свет и преку него да го забележиме тој спој меѓу материјалното и духовното. Фреските најмногу треба да се анализираат најмногу преку очите на светците. Лечковски е сериозен иконописец бидејќи тој ги живее религиозните правила и неговото христијанско чувство го пренесува на луѓето-рече Горјан Василевски куратор на изложбата.
Изложбата е дел од прославата на патрониот празник на градот „Св. Никола 2024“ и ја реализираат Општина Прилеп и ЦК „Марко Цепенков“.
Пишува: Филип Димкоски