5.1 C
Прилеп
четврток, 12 декември, 2024
Пела Радио

Протестите на тутунарите се’ поизвесни, освен Тутунски Комбинат, другите откупувачи не го почитуваат договорот

Откупната кампања денеска продолжи, но незадоволството на тутунарите остана. Од Иницијативниот одбор на групата Македонски тутунари и Сојузот на земјоделски здруженија, од каде се делегираат поверениците на вагите, по направениот надзор на прес конференција, рекоа дека – освен на пунктовите на Тутунски Комбинат Прилеп, во другите компании, состојбата е непромената. Поради тоа, тие бараат средба со ресорниот министер Арјанит Хоџа во Прилеп, и го повикуваат тој сам да се увери во ситуцијата на терен.  Во спротивно за в среда најавуваат, блокади и протести низ цела Македонија.

Договорот што се постигна во петокот, од страна на откупувачите не се почитува и не се спроведува. Освен Тутунски Комбинат Прилеп во градскиот откуп има иницијатива на благо попуштање на линијата, другите откупувачи си ја тераат истата песна. Значи се’ што е договорено испадна дека е лага, министерот го излажаа и ја лажат целата јавност. Со тоа создадоа уште поголем револт и поголем гнев кај тутунопроизводителите. Апелирам тутунарите да не го даваат родот. Ќе одиме до крај. Бараме средба утре министерот да дојде во Прилеп, да ги посетиме и другите откупувачи. Значи, утре, ако министерот не не’ удостои со средба ние денес ќе си го закажиме штрајкот да биде 48 часа законски пред започнувањето закажан, и во среда ќе ја блокираме цела Македонија, вели Игор Мирчески од ИО на Македонски тутунари.

Тутунопроизводителите бараат откупувачите да дадат гаранции за линијата на проценка на цела територија на државата да биде иста.

Ако утре, на таа средба, ако нормално се оствари, не се дадат гаранции – откупот да се движи до крајот на откупната кампања, а не да играме топло – ладно, ден оди, ден не оди во Ивањевци, не оди во Кавадарци, или било каде… Треба да биде иста линијата на цела територија на Република Македонија, постапки не треба  да има ниедно откупно место и за ниеден откупувач. Доколку не добиеме такви гаранции, в среда, нашето членство ќе ги повикаме тутунарите на протести низ цела Македонија, а имаме поддршка и од оризарите, и од лозарите, додава Мирчески.

На поедини откупни пунктови денеска имало благо подобрување во однос на одбитоците кои што претходно се движеа на високи 10 и повеќе проценти, но продолжува тенденцијата поради незадоволство од проценката производството да се враќа дома.

Во Битола, во Могила го има истиот проблем како во Прилеп.Моментално е намалено само на одбитоците, на 5 до 6 отсто, инаку се’ е друго исто. Луѓето како што го носат на предавање, така и си го враќаат дома. Луѓето се исплашени, не бараат второстепена комисија. Во глобала нашиве барања не се земени во предвид, главно откупувачите не го послушаа министерот што им кажа на средбата во петокот, во Скопје, вели Тони Ангелески од Иницијативниот одбор на групата Македонски тутунари.

И од Сојузот на земјоделски здруженија потврдуваат дека откупувачите не го почитуваат договорот.  Покрај другото, тутунарите се  условуваат од првата берба да можат да предаваат помал процент од договореното

Можам да кажам како Сојуз, на терен работата не е како што се договоривме. Прво сеуште се одбива нетутунски материјали, се одбива повеќе од договореното, проценката повторно се врши нереално, сеуште некои фирми откупуваат 5 отсто  од првата берба. Договорено е, и законски е 30 отсто да се зема, родот од првата берба, а тие сеуште го земаат на 1 тон, 2 кутии и им викаат на тутунарите другото да се врати назад. Гарантирам дека 30 отсто треба да се откупува од првата берба. Затоа ние остваривме телефонски разговор со министерот, бараме утре да дојди, да појдеме утре во фирмите директно да преговараме. Доколку не сакаат да соработуваат, ние покрај тоа што поверениците ќе стопираат за второстепени комисии, покрај за нереален одбиток што ќе стопираат, ние ќе појдеме и ќе ги блокираме откупните компании. Нема да дозволиме тутунарите, да го дадат за бадијала тутунот, рече Мендо Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

Во текот  на денешниот ден се очекуваат подетални информации за тоа дали ќе се оствари повторна средба со ресорниот министер Арјанит Хоџа утре во Прилеп, со цел да се добијат гаранции од компаниите за реална линија на проценка и продолжување на откупот. Во спротивно,  в среда, најавуваат, и од ИО на Македонски тутунари и од Сојузот,  ќе се одржат протести и блокади на откупните компании низ цела Македонија, со поддршка и на други незадоволни земјоделци.

Би можело да ве интересира

Мицкоски како гостин во Прилеп се запознаваше со активностите на локалната власт

Елизабета Филипоска

Прилеп го одбележа Денот на ослободувањето – 3 ти ноември (ГАЛЕРИЈА)

Гордана Цветаноска

Офарбана новата табла пред споменикот на Александар Македонски

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе