Разговор со Андриjана Дукоска, виолончелистка oд Прилеп
Taa e единствената личност во Прилеп, која е дипломиран виолончелист. Била и единствена во класата на проф. м-р Живко Фирфов на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде дипломирала со просек 9,35. Радост и е и гордост што е единствена во градот, но единствена е и по многу други нешта. За нејзините различни уметнички и животни авантури разговараме со Андријана Дукоска.
Ве молам подетално раскажете ни за виолончелото, од каде и од кога потекнува, во какви музички поставки и за какви музички жанрови се користи…
Виолончелото е музички инструмент со длабок, богат и топол тон, кој припаѓа на семејството гудачки инструменти. Се користи во различни музички жанрови, како класична музика, филмска музика (создава емотивна длабочина во саундтракот), џез и други поп и рок модерни жанрови и правци. Виолончелото е есенцијален дел од симфониските оркестри, камерните ансамбли и солистичките концерти. Потеклото на виолончелото и почетоците на употреба се од 16 век во Италија. Неговиот предок е инструментот „виола да гамба“, популарен во Ренесансата. Низ времето, инструментот еволуирал во својата денешна форма, благодарение на мајстори како Андреа Амати и Антонио Страдивари. Големината на кoрпусот му е речиси двојно поголема од виолината. Најмногу доаѓа до израз во музика од романтичен стил. Виолончелото е еден од најуниверзалните инструменти, кој се вклопува во широк спектар на музички стилови и поставки.
Што беше пресудно виолончелото да Ви стане „најверен другар“?
Се чини дека низ годиниве минати со него, а не се малку, тоа се 23 години, виолончелото ми станало најверен другар бидејќи ми овозможува да го изразам својот внатрешен свет на најискрен и моќен начин. Неговата топлина, длабочина и интимност, совршено го рефлектираат мојот карактер и емотивност. Можеби и самиот процес на учење и часовите поминати во свирење, ми донеле чувство на мир, дисциплина и исполнетост, создавајќи врска што оди подалеку од обичен инструмент… Како да е продолжение на мојата душа. Дополнително, со виолончелото создавам моменти на радост, уметност и врска со луѓето што ме ценат – како на сцената, така и во животот. Тоа е повеќе од инструмент за мене. Тоа е мојот глас, мојата утеха и мојата сила. Го избрав, тоа беше пресудно, затоа што најпрво ме привлече бојата на тонот, што се поистоветува со бојата на човечкиот глас, а потоа и заради изгледот. Корпусот на виолончелото ме освои, затоа што додека свирам имам чувство дека взаемно се прегрнуваме. Ме фасцинира моментот на реципроцитет, како и во другарството. Кога давам сé од себе, виолончелото никогаш не ме изневерува. Кога едно дело ќе прозвучи токму така како што сакам, кога мислата се преточува во музика, тогаш сум комплетно задоволна.
Бевте насавничка по музичко во основно образование, а сега сте образовен асистент на дете со попреченост и повторно си дел од образованието. Иако сте едниствена во градот, а нема класа за виолончелисти во ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп, Вие сепак не сте соодветно вработена. Како гледате на ова?
Фактот дека сум единствена виолончелистка во мојот град, е голем потенцијал и ретка можност, но истовремено ја отсликува и сложеноста на уметничката професија и позиција во ова општество. Мојот талент и уникатност ме издвојуваат, но можеби локалната средина (не мислам на публиката, туку на локалните власти) не го препознава доволно значењето на она што го нудам. За жал! Овој поразителен факт, изминативе 15 години беше поттик за мене, мотив за иновација, да се поставам како културен лидер во оваа средина и во општеството. Организирав концерти, работилници за млади, ја доближував класичната музика до учениците и луѓето, кои се моја верна публика. Со повеќе видливост и ангажмани, присутна на сцената, јас го создавав просторот што недостига, истовремено градејќи ја својата музичка кариера и име. Невработеноста (во формален контекст) не ме обесхрабрува, затоа што мојата уметност е мојата професија. Се обидов мојот потенцијал на разни основи и полиња, да го спојам со стратегија и реклама, особено преку социјалните мрежи, за да создадам поголемо влијание. Тоа што не ја работам професијата по диплома и титула, не ме спречува да успевам и да ги покажувам сопствените квалитети во повеќе правци.
Со своето концертирање успешно ја афирмирате музиката низ Македонија и низ светот. Ајде да се потсетиме на Вашите најважни настапи во 2024, но и претходно…
Тоа е она што Ви го зборував погоре. Мојата уметност е мојата професија. Мојата мисија! Со своето концертирање како член виолончелист во музичкиот состав „TRIO DOLCE“, ја афирмирав музиката и мојата држава Македонија и надвор од границите. Во конкуренција со кандидати, професионални музичари и уметници од целиот свет, во категоријата Инструментална музика, во 2022 година „Trio Dolce“ беше добитник на ПРВА НАГРАДА – LAUREATE (златен медал) на Меѓународниот уметнички натпревар „Future stars“ на фондацијата „Sopravista“ во Италија. На престижниот Меѓународен музички натпревар – International Moscow Music Competition, добитници бевме на втора награда / SECOND PRIZE WINNER за “TRIO DOLCE“ истата година. Честа беше голема, знаејќи дека во жири-комисија се еминентни уметници. Во конкуренција со учесници од цел свет (Полска, Израел, Јапонија, Италија, Русија, Шпанија, Унгарија, Латвија, Германија, Австрија, Естонија, Португалија, Кина и др.) „TRIO DOLCE“ се закити со ВТОРА НАГРАДА. Потоа, истата година 2022, добивме ПРВА НАГРАДА „LAUREATE“ (златен медал) за „TRIO DOLCE“ од Македонија, на Интернационалниот музички натпревар “PROMETHEUS” – Болоња, Италија. Исто така во конкуренција со професионални музичари, уметници од цел свет. Истата таа година, која беше прилично плодна и успешна за нас, остваривме целовечерен концерт на класична музика во Вечниот град – РИМ, Италија, во „TEATRO DI MARCELLO“, еден од најстарите театри во светот, на 11. Август 2022 во (GRAN GALA) во склоп на FESTIVAL MUZIKALE DELLE NAZIONI – Concerti del Tempietto. Тоа беше незаборавно искуство за нас. Во септември 2022 година остваривме целовечерен концерт на класична музика во Храм „Св. Софија“ во Охрид. Изминатите години „TRIO DOLCE“ има остварено концерти на класична музика, со богат музички репертоар, низ повеќе градови во Македонија, како: Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар, Кавадарци, Велес, Валандово и тн, со поддршка од Министерство за култура на Р. Македонија. Уметноста е спасот на овој свет, уметноста ни дава крилја и нè прави подобри личности.
Се чини, ништо не може да го скроти Вашиот темперамент и Вашиот уметнички дух кој освен преку свирење, го изразувате и преку стихови, преку рачни изработки, хорско пеење. Раскажете ни малку за Вашите други „супермоќи“. Како определувате , во кое време која уметничка работа ќе го преокупира Вашето творечко време?
Вашето прашање е како огледало кое ме поттикна да размислам за мојот внатрешен свет и начинот на кој го организирам времето за сите тие „супермоќи.“ Секој од моите уметнички изрази доаѓа од различна потреба и инспирација. Позезијата, стиховите ги пишувам кога емоциите се силни – било радост, љубов, или тивка меланхолија. Тогаш мислите просто течат и морам да ги „обликувам“ во зборови. Рачните изработки, односно честитките, ми се посебен вид медитација, нешто што правам кога ми треба фокус и мир. Тогаш, со хартија, материјали и бои, создавам уметнички дела и тоа станува мој начин на релаксација. Хорското црковно пеење, пак, е заедничко доживување кое ме исполнува со енергија и чувство на припадност. Кога сум во хор „Св. Петка“, не сум само јас, туку сум дел од една поголема целина, единство, едно семејство, што е неверојатно инспиративно. Уживам во секој миг поминат на проба или на дружба со моите хористи изминативе 10 години. Како се определувам? Инспирацијата и интуицијата се мои водичи. Се трудам да ги слушам моите внатрешни потреби, но и да одговорам на надворешните обврски – бидејќи уметноста е и обврска кон себеси и кон светот.
Дел сте од повеќе музички состави, изведувате различна музика…Во какви изведби најмногу уживате?
Секој музички состав во кој свирам ми носи посебна енергија и уникатно искуство. Но, најмногу уживам во изведби каде чувствувам длабока емотивна поврзаност со музиката и каде можам да ја пренесам таа емоција до публиката. На пример, изведбите на класична музика со „Trio Dolce“, за мене имаат посебна тежина и убавина. Тоа е како разговор со најголемите гении во музичката историја. Нивната музика бара дисциплина, техничка прецизност, но и способност да се долови длабоката емоција и наратив што тие го вградиле во своите дела. Тогаш секој тон доаѓа до израз, а публиката може да го почувствува секое вибрато, секоја промена на динамиката. Класичната музика е бескраен извор на инспирација и предизвик – таа секогаш бара да се надминеш себеси и да ѝ дадеш најмногу што можеш. Токму тоа ме исполнува и ми дава огромно задоволство. Од друга страна, настапите со „Double Strings“ (виола и виолончело) ми даваат слобода за експериментирање и креирање поинаков музички звук создаден од два гудачки инструменти, во изведба на модерни жанрови и стилови. Тогаш ме понесува адреналин и секој настап ми е незаборавна авантура! J Настапите со „Duo Volcello“ (саксофон и виолончело) се посебно-блиски на моето срце. Виолончелото и саксофонот создаваат необична, но неверојатно богата хармонија, уникатен спој на топлина и енергија, која публиката ја доживува како магија. Додека виолончелото носи емоции и нежност, саксофонот додава страст и динамика – совршен спој! Без разлика дали се работи за класична музика, романтични мелодии или модерни аранжмани, најголемото задоволство го чувствувам кога имам вистинска поврзаност со публиката – кога можам да видам како музиката допира до нечие срце. Тоа чувство е незаменливо и токму тоа ме тера да продолжам да создавам.
Каква музика слушате приватно?
Квалитетна! Нешто што немаме можност да го слушаме често во локалите низ Прилеп. Ги слушам најзначајните изведувачи на џез и блуз музиката. Louis Armstrong , John Coltrane ,B.B. King , Etta James, Otis Redding , Celine Dion , Postmodern Jukebox и многу други…
Постои ли Ваш план за 2025 и дали ќе ни откриете што содржи тој?
Секако дека постои, имам цели и замисли за 2025 година и ќе Ви откријам… Концерти на класична музика, неколку концертни турнеи надвор од Македонија со Црковниот хор „Св. Петка“. Креирање професионални аудио и видео-записи со настапи во живо, планирање настапи на различни културни манифестации, јубилејни настани, изложби, промоции, коктели и сл. Издавање на мојата прва книга поезија, промоција и настани на кои ќе се читаат моите песни, во придружба со убава музика.
Разговорот го водеше Филип Димкоски