15.5 C
Прилеп
четврток, 4 јуни, 2026
Пела Радио

МАКЕДОНСКАТА ЗАЕДНИЦА ВО ХОЛАНДИЈА СЕ ПРОСТИ СО СВЕТЛАНА МИШЕВА

Во Хендрик-Идо-Амбахт (предградие на Ротердам) денеска беше испратена во вечноста долгогодишната активистка, воедно и почесен претседател на Македонската заедница во Холандија – Светлана Мишева, а со нејзината смрт холандскиот цивилен и воен ред Оранје-Насау остана посиромашен за единственот член од македонско потекло и заслужен граѓанин на Холандија.

НАЈДОСТОИНСТВЕН ПРЕТСТАВНИК НА МАКЕДОНСКАТА ДИЈАСПОРА ОД ХОЛАНДИЈА

„Замина во вечноста еден од најдостоинствените претставници на македонската дијаспора“ – се вели во сочувството од македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. Македонската претседателка д-р Гордана Сиљановска-Давкова во сочувството до семејството Бојтендајк и до Македонската заедница во Холандија нагласи дека „името на Светлана Мишева останува трајно впишано меѓу најдостоинствените претставници на македонската дијаспора, каде со мудрост, достоинство и неуморна посветеност ги афирмираше македонската култура, традиција и национален идентитет.“

Претседателката Сиљановска-Давкова ја нарече Мишева „жена со редок интегритет, благородна мисија и исклучителен придонес за македонската кауза надвор од татковината.“

Прием на Светлана Мишева кај македонската претседателка д-р Гордана Сиљановска-Давкова, 24 октомври 2024

„Заминувањето на Светлана Мишева е огромна загуба за сите нас,“ се вели во сочувството на претседателката Сиљановска-Давкова, „а нејзиниот животен пат е доказ дека чесноста, трудот и пожртвуваноста оставаат неизбришливи траги, а со своето делување, таа беше мост меѓу татковината и Македонците ширум светот и потсетник дека љубовта кон Македонија не познава далечини и граници.“

Трите најпознати и одликувани жени за хуманост во светот: Мајка Тереза, Есма Реџепова-Теодосиевска и Светлана Мишева

Претседателот на Македонската заедница во Холандија Илија Талески во комеморативниот говор изрази жалење за загубата што Светлана Мишева нѐ напушти од овоземскиот свет, но подвлече дека „неизмерно сме горди што ја познававме и имавме чест да соработуваме со неа бидејќи таа беше нашиот ментор и го носеше епитетот „мајка на македонската заедница во Холандија“. „Светлана Мишева, рече Талески, беше пријател на човештвото и беше свесна дека голем број на популации во светот се подложени на нечовечки услови за живот и тоа го сметаше за морален скандал и срам за човештвото на нашето време.“

Цивилниот и воен ред за заслуги на Холандија (холандски: Orde van Oranje-Nassau) е основан во 1892 година и им оддава почит на поединци за извонреден придонес во холандското општество. Светлана Мишева стана член на Редот во 2009 година и беше одликувана од Нејзиното величество, тогашната холандска кралица Беатрикс.

Со опелото на Светлана Мишева чиноначествуваше отец Захариј (Панов) од македонската православна црковна општина Св.Стефан од Утрехт, а на вечното почивалиште ја испратија тесен круг на семејството, претставници од Македонската заедница во Холандија, црковната општина и македонската амбасада од Хаг. Двата столба на мостот кој последните 100 години ги поврзува Холандија и Македонија несомнено се холандскиот писател А. ден Долард и нашата Светлана Мишева.

Ти благодариме за сè драга Светлана. Почивај во мир и нека ти е вечна слава!

 

Би можело да ве интересира

Во блоковите за производство на струја во РЕК Битола настана пожар

Викенд населбата Маркова чешма затрупана со купишта отпад, Комуналец продолжува со акциите

Тутунарски протести: Бараме писмени гаранции за фер проценка, а не лажни ветувања!

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе