Донација од 16 специјално опремени патнички возила, две возила за следење, специјално адаптирано комбе кое ќе служи како мобилен контролен центар, како и современ софтвер и обука за инспекторите доби Државниот инспекторат за транспорт од Европската Унија во вредност од 700 000 евра.
Според ресорниот министер Александар Николоски, новата опрема ќе овозможи подобра контрола на камионите со прекумерна тежина, превозот на опасни материи и автобускиот превоз, што ќе придонесе за поголема безбедност во сообраќајот и подобра заштита на патната инфраструктура.
„Со овие 16 специјално опремени патнички возила, двете специјално опремени возила за следење и специјално адаптираното комбе кое ќе служи како контролен центар, инспекторатот ќе може целосно да ја заврши својата работа. Тоа значи повеќе безбедност на патиштата, побрз и поефикасен инспекциски надзор, но и подобра заштита на патиштата преку контрола на прекумерната тежина на камионите, превозот на опасни материи и контролата на автобусите за да ги исполнуваат сите стандарди за превоз на патници“, рече министерот.
Во втората фаза најавени се дополнителни инвестиции со цел унапредување на капацитетите и ефикасноста на Државниот инспекторат за транспорт.


