Сашо Неданоски БОЈТОН; Асистент на сценографија, дизајн на плакат: Димитар Милев
„Ловецот во “ржта претставува побуна против конвенциите на средината – општествена, економска и интелектуална. Холден Колфилд е осамен и изолиран херој, или антихерој, или ни едното ни другото, кој не сака да ја прифати бесмисленоста на која постојано наидува – како во својата фамилија, така и во училиштата од кои го исфрлаат, во њујоршките локали и секаде каде што се движи. Исклучок од таа бесмисленост е единствено неговата помала сестра Фиби која сака да ја заштити од средината во која тој самиот израснал. Некаде меѓу детството и зрелоста, човек губи нешто што никогаш повеќе не успева да го има. Не станува збор за невиност, ниту за носталгично гледање кон минатото. Се работи за една форма на непосредност во односот кон светот – способноста да се гледа без однапред прифатени категории, безгрижно и љубопитно, да се именува лицемерието без страв, според сопственото чувство за вистина, правичност и сочувство. Штом созревањето подразбира такви одрекувања и компромиси, прашање е што останува од нас кога ќе ги исполниме сите општествени очекувања.
Холден Колфилд на моменти наликува на детинест, добродушен бељаџија кој постојано ги преиспитува и заобиколува општествените норми, но истовремено покажува раскошна природа на незапирлив багабонт кој предизвикува восхит со својата животна енергија. Неговата нетрпеливост не е насочена кон авторитетот сам по себе, туку кон лицемерието што станало негова основна одлика. Тој нема намера да ја прифати идејата дека сме осудени да живееме во свет во кој искреноста и индивидуалноста мора да бидат жртвувани во замена за сигурност и чувство на припадност. Она што најмногу восхитува кај Холден Колфилд е начинот на кој доживува и раскажува, како и неговата способност вешто да се отараса од светот кога тоа ќе го посака. За некаков дуализам во ликот на Холден, се разбира, не станува ни збор: неговото Јас не е целина
туку еден комплексен свет на многукратност и хаос од форми и состојби.
Токму во тоа се состои и длабоката сила на Ловецот во ‘ржта — во можноста да се разбере позицијата на човекот распнат меѓу својата комплексна природа составена од противречности и општеството кое секогаш настојува да ја редуцира и некако да ја вкалапи таа
комплексност,“ се осврнува драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

