Уредува Јасмина Трајкоска, фармацевт
Се наоѓаме во период од годината кога грипот и настинките веќе земаат голем замав,а кашлицата е еден од најиритирачките симптоми кои се појавуваат за време на сезоната на грип и настинка. Кашлицата се јавува како резултат на иритации или воспаление на грлото,бронхиите или белите дробови.
Се среќаваме со два типа на кашлица: сува,надразнителна кашлица (непродуктивна) и продуктивна кашлица (со исфрлање на слуз).
Природата ни нуди голема и ефикасна помош за двата типа на кашлица,па Ваше е само да ги искористите советите и да се ослободите од кашлица што побрзо.
За непродуктивната кашлица односно сува,надразнителна се користат сирупи и чаеви кои со слузните материи делуваат противвоспалително и ја смируваат кашлицата.Тука спаѓаат најчесто употребуваните: бел слез (чај и сируп) и тегавецот.
За продуктивната кашлица се користат сирупи или чаеви од растенија кои делуваат како експекторанти и го олеснуваат искашлувањето и исфрлањето на слуз – сирупот од јаглика и сирупот од бршлен.
Двата вида на кашлица се јавуват во сите возрасни групи,што значи не се поштедени ни децата ни возрасните,а горенаведените сирупи се соодветни за употреба и кај деца и кај возрасни,се разбира со индивидуално дозирање кај секој во зависност од возраста.
Етеричните масла од нане,мајчина душица,еукалиптус кога се инхалираат ја намалуваат затнатоста и го олеснуваат дишењето.Ставете 10-15 капки од етеричното масло во зовриена вода,покријте се со крпа и инхалирајте.Олеснување ќе почувствуате и доколку земете препарати кои ги содржат овие етерични масла и нежно се масирате на вратот и градите.
Исто така добро е да се напомени дека во ваква состојба на организмот потребно е внесување на поголеми количини течности,особено чаеви – нане,мајчина душица,ѓумбир со додаток на лимон како природен извор на витамин Ц и мед,како и топли супи,салеп,а да не заборавиме и на зголемената потреба на организмот за внес на витамини и минерали (може и во форма на таблети или капсули) како побрзо би се изборил со грипот,настинката и кашлицата.
Сепак доколку кашлицата трае подолго од една седмица и нема подобрување и покрај употребата на некој од сирупите на природна база,имате покачена телесна температура,потешкотии во дишењето или болка во градите,задолжително посетете лекар како би се избегнале понатамошни компликации.