11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Што се случува во Сојузот на тутунарите?

Наместо годинава да слават 65 години од постоењето, Сојузот на здруженија на тутунопроизводители на Македонија се соочува со внатреорганизациски обвинувања за тежок криминал од 9, а можеби и повеќе милиони денари. Наводно, тоа се средства за кои претставници од 4 тутунски здруженија од Пелагонија тврдат дека ги злоупотребил Киро Неделкоски како претседател на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители.

– Девет милиони пари лично тој има пуштено, извадено од сметката на Сојузот, пари кои не се во ниедно здружение. На некои лица им има пуштено и по 10 000 евра, на непозната основа, како позајмица, како ништо…Пари се давани, без одлуки на Сојузот, без одлука на здруженијата и на Собранието на сојузот, тврди Муса Ибраимоски, претседател на Здружение на тутунари „Златен лист“ од Општина Долнени, член на комисија за водење на откуп при Сојузот.
Сојузот на тутунски здруженија е највисока асоцијација која ги претставува и штити правата на тутунарите и ги застапува при откупот преку поверениците, при креирање на цената на тутунот и др. Организацијата ја сочинуваат вкупно 16 општински здруженија.

– Сите ние како членки се соочивме со криминал како преседан, предизвикан како резултат на криминалното работење на претседателот на Сојузот, Кире Неделкоски кој ги измами здруженијата и украде 9 милиони денари за негови лични потреби, ја измами власта и по сила на сите закони мора кривично да одговара. Ние како орган на Сојузот на тутунски здруженија, го осуетивме криминалот на криминалот на Неделкоски и поднесовме кривична пријава за проневера на финансии за исплата на повереници од 9 милиони од страна на Неделкоски, на 26 септември годинава. Поднесовме кривична пријава преку својот адвокат до ОЈО. Како резултат на проневерата, сите членки здруженија едногласно се согласивме за разрешување на претседателот и именување на нов. Покренавме легитимна постапка до Централниот регистар на Р. Македонија. Но за жал, разочарани сме од опструкциите на Централниот регистар и се прашуваме по чиј налог го штити криминалот на разрешениот претседател и не ни го регистрира новоименуваниот претседател на Сојузот, од каде што не тераат да правиме само нова и нова иницијатива, вели Илија Тотески, секретар на Здружение на тутунопроизводители Братство од Општина Крушево, член на комисијата за финансирање и буџет при Сојузот на тутунски здруженија.

Претставниците од тутунските здруженија велат дека тие на одреден период успеале во Централниот регистар да го запишат новоименуваниот претседател – Ванчо Коцев од Неготино на 15 октомври годинава, со што бил избришан дотогаш овластениот Киро Неделковски. За тој период, тутунарите успеале да ја проверат документацијата и да се уверат во, како што велат, криминалот на дотогашниот претседател, зашто, наводно, претходно Неделковски не доставувал документација до овластениот сметководител и работните тела немале увид во состојбата.


– На 14 ноември повторно беше запишан Киро Неделкоски како претседател во Централниот регистар без наша согласност и без наше барање и покрај тоа што сите здруженија членки едногласно не го сакаат за претседател поради сторениот криминал. Ние сметаме дека зад ова стои виша сила, затоа што сите постапки ги водевме со адвокат и според прописите, вели Тотески.
Потегната била нова иницијатива до Централен регистар на 10 ти овој месец, но сеуште се чека избраниот претседател да добие легитимитет во Централниот регистар. Воено, Јавното обвинителство сеуште се нема произнесено за кривичната пријава поднесена на 26 септември годинава. Обвинетиот Неделкоски се брани со контраобвинувања и вели дека во тек е предистражна постапка за наводен криминал во повеќе здруженија.

– Јас од самото стапување на функцијата претседател на Сојузот на здруженија на тутунопроизводители по дојава од многу други луѓе дека таму повеќе години се правеле криминал најдовме документи, каде што за 7 години проневерени се 7 и пол милиони евра, продажба на објекти на тутунопроизводителите, каде што точно знаат претежно прилепчани, како е продаден објектот на здружението Мице Козар, во Крушево, во Демир Хисар, во Струмица, повеќе објекти каде што една организирана група од 16 здруженија не дозволувала ниту влез на друго здружение, па ниту да провери некој да види што се случува. Собравме огромен број на докази каде што на 21 септември 2017 година поднесовме обвинение до Јавното обвинителство за организиран криминал. Таму се наоѓаат многу докази и обвинението е во предистражна постапка. Сите средства што се трошени од моја страна, за се, постојат одлуки – донесени за строго наменски пари. Ќе излеземе пред суд и ќе докажеме кој трошел правилно или неправилно, ги отфрла обвинувања со контраобвинувања Киро Неделкоски – староновиот претседател на Сојузот.

За работа на здруженијата се задржуваат 0,3 отсто од предадениот тутун за исплата на повереници и менаџирање на тутунските здруженија. Ако не се реши состојбата со обвинувањата за криминал и промена на првиот човек на Сојузот на здруженија на тутунопроизводители, тутунарите најавуваат протести и прекин на откупот.

Би можело да ве интересира

Паркинг позади деветтокатница

Елизабета Филипоска

Филмот „Бизнисот на задоволството“ од утре ќе се прикажува во Прилеп

Пела Редакција

За хуманa акција на млади жени, Македонки од Австралија (ФОТО)

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе