5.4 C
Прилеп
петок, 15 ноември, 2024
Пела Радио

Во пресрет на Светскиот ден на театарот – Кога нов театар во Прилеп?

На 27 март се одбележува Светскиот ден на театарот, а НТ „Војдан Чернодрински“ пригодно ќе го прослави овој своевиден празник со изведба на претставата „Пиреј“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, кога и ќе бидат прочитани светската и македонската театарска порака. Се разбира и годинава одбележувањето ќе биде во стариот објект, кој датира уште од формирањето на прилепската театарска куќа во далечната 1950 година. НТ „Војдан Чернодрински“ работи во најстарата театарска куќа во Македонија.

Кога нов театар во Прилеп?
Градот – Прилеп со единствениот национален театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ сеуште чека на новата театарска куќа ветена и од претходната и од актуелната власт. Првично најавената изградба на објектот на старата локација, сепак по направените анализи, ќе се реализира во рамките на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Познати се и авторите на победничкото решение за нов театарски објект на конкурсот на Министерството за култура, тоа се Илија Мирчески и Синиша Павловски од „СПИМ Студио“.
– Во договор со Министерството и со локалната самоуправа со стручни мислења, утврдивме дека најсоодветно решение за да се изгради театар е во постојната зграда на домот на културата „Марко Цепенков“, во т.н. блок Д, или попознато, на просторот од киното „Мис Стон“ и „Арт-кафулето“. Тој простор е имот на Владата и за него ќе се распише конкурс за идејно решение со комплетна инфраструктура: посебен влез, седишта, посебна сцена, односно, комплетно нов театар, но ќе се вклопи со другиот објект од домот – вели Стојан Дамчески, раководител на НТ „Војдан Чернодрински“.
Но, нема да оди се така брзо. Министерството за култура во програмата за инвестиции за оваа година има предвидено средства за подготовка на проектна програма, идејно решение и главен проект за изградба на театарот во Прилеп. По подготовката на главниот проект, наредната година ќе се почне со изградба, така што во наредните три-четири години се очекува Прилеп да добие нов театар.
– Ние во овој театар крпиме, реновираме, колку што можеме, но со многу мали средства. Се размислуваше, имаше идеја, од темел да се гради театар на ова место. Меѓутоа остануваме врзани баш за овој простор кој по прилепски речено е некако „одпат“ не му е местото, а од друга страна граничиме со приватни имоти и квадратурата која ја поседуваме е многу мала. За современ театар, за современ простор како парцела не одговара и затоа продолжуваме овде да работиме, се до изградба на новиот театар. Реновирано е минатата година, се покри фоајето, да биде пристојно и од таа страна е заштитен целиот театар, кој што е покриен во претходните неколку години. Секоја година се обновуваат одредени делови, а за годинава планирано е реновирање на тоалетите и други простории со чистење, варосување…Одлуката е да не се инвестира во постоечкиот објект капитално, за да можат сите инвестиции да се насочат во новата зграда. Понатаму ќе може најверојатно и да се приспособи просторот за на пример куклен театар или младински културен центар или друго, зашто на Прилеп му требаат вакви објекти, кој нема да се сруши и ќе остане во функција, рече Дамчески.
Веќе 15 години прилепскиот театар работи во состав на центарот за култура НУЦК „Марко Цепенков“ и не е посебен правен субјект, не располага со своја жиро сметка, како посебна институција.
– Доколку се реализира проектот за изградба на новиот театар, тоа ќе биде еден плус во нашата битка за враќање на нашиот субјективитет, за враќање на правниот стутус на НТ „Војдан Чернодрински“, изјави Дамчески.
В година прилепскиот театар ќе слави 70 години од оснивањето. НТ „Војдан Чернодрински“ е формиран на 18 февруари 1950 година. Според динамиката на најавените активности, едно е сигурно, прилепскиот театар, јубилејот нема да го дочека во нова зграда.

Би можело да ве интересира

Изложба за респект

Елизабета Филипоска

Детски карневал „Прочка 2018“ (галерија)

Гордана Цветаноска

Концертите се враќаат на сцена, одобрени протоколите

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе