Набавката на 4 те еко- автобуси за потребите на Јавниот градски превоз во Прилеп, предизвикаа низа реакции и обвинувања меѓу позицијата и опозицијата. ОО на СДСМ вчера се пофали со реализацијата на едно од ветувањата на градоначалникот Илија Јованоски. На прес конференцијата меѓу другото беше речено дека Прилеп е првиот град во државата кој во јавниот превоз воведе автобуси на метан.
„Конечно граѓаните на Прилеп добија градски превоз каков што заслужуваат, современ, конфорен и навремен, а пред се’ превоз со кој ја штитиме животната средина и здравјето на граѓаните.
Наспроти старите и дотраени автобуси кои ВМРО-ДПМНЕ ги вклучи во јавниот превоз и за чие одржување годишно се трошеа над 150.000 евра, локалната власт предводена од СДСМ набави и пушти во употреба 4 нови еколошки автобуси со Еуро 6 стандард.
Со новите автобуси, освен што се заштитува животната средина, повеќе од двојно се намалуваат и трошоците за гориво, што ќе значи заштеда на буџетски средства кои ќе бидат инвестирани во нови проекти од интерес на граѓаните на Општина Прилеп“, рече Стефани Петреска – портпарол на ОО СДСМ – Прилеп.
Од опозициската ОК на ВМРО ДПМНЕ Прилеп денеска предупредија: Внимавајте како ги трошите парите на граѓаните, да не случи крајната дестинација на автобусите да биде Шутка! Наводно, според Никола Златески, Претседател на УМС при ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп:
Јавноста сака да чуе одговори за тоа како се потрошени парите на граѓаните, дали постојат нерегуларности околу набавката и дали одредени лични интереси се ставени во преден план…
Опозициската ВМРО ДПМНЕ ги повтори прашањата: како е возможно на еден така голем тендер единствен понудувач да биде фирмата Аутомакедонија АД Скопје?
Дали тендерот еднаш бил поништен, а во повторениот тендер одново како единствен понудувач се јавува само истата фирма, која во првиот обид не доставила банкарска гаранција?
Доколку е така, она што требало да го направи општината е да и даде на фирмата негативна референца, а не да и дозволи да го добие тендерот.
Дали според ова личните интереси и договорите во четири очи имале предност при набавката на автобусите?
Зошто директорката на ЈП за ПУП тврди дека тендерот бил меѓународен, кога на електронскиот систем од Бирото за јавни набавки јасно стои дека не постои меѓународна објава?
Зошто ви беа автобуси на метан кога во Прилеп не постои метан станица и на колкав дополнителен трошок ќе ги изложите граѓаните и општината?
На крајот како ќе ја оправдате цената од по 250.000 евра за секој автобус, кога со обично пребарување на Гугл може да се забележи дека ист ваков автобус чини 150.000 евра?
На денешната прес конференција од ОК на ВМРОДПМНЕ Прилеп потенцираа дека доколку Јавното обвинителство не да се одважи и да го истражи случајот по допрен глас, тоа ќе биде покренато од нивна страна, со цел да се расчистат дилемите околу набавката на новите автобуси за јавниот градски превоз.