Поетско Маркукуле ги менува организаторите и сцената по повеќе години. Манифестацијата наместо под Маркови кули, ќе се одржи на Летната сцена од Центарот за култура Марко Цепенков. Настанот посветен на поезијата и убавиот збор ќе започне утре, сабота, а покровител и организатор од оваа година е Клубот на литературни творци Прилеп.
– Многу сме среќни што секоја година се зголемува интересот и бројот на учесниците на манифестацијата, вели Андријана Ристеска, поетеса од Клубот на литературни творци, заблагодарувајќи му се на досегашниот организатор Градската библиотека „Борка Талески“ Прилеп.
„Поетско Маркукуле“ ќе се одржи по 14 ти пат. Иницијатор на овој настан посветен на поезијата беше друштвото „Пела“ , а посебно поетот, уметникот Љубен Димкароски Димкарот. Изминативе години беа вклучени и музички изведби и ликовни уметници. Градската библиотека „Борка Талески“ беше главен поддржувач на манифестацијата.
– Сметаме дека треба по 14 години, да се внесе нов дух, нови форми, идеи, нов начин на работење. Секоја година издаваме Зборник на учесници, кои биле дел од Поетско Маркукуле, а така ќе биде и овој пат. Зборникот е во издание на библиотеката, а техничката поддршка е на Центарот за култура Марко Цепенков, вели Петар Петрески, директор на Градската библиотека Прилеп.
Традиционално на Поетско Маркукуле учествуваат над 50 поети од земјава и од странство, а годинава се очекува овој број да биде далеку поголем. Сите заинтересирани автори може да се пријават на email…[email protected] или да си носат своја творба на самиот настан..По можност песните да не бидат со вулгарна или содржина кое пропагира насилство, потенцираат организаторите.