Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“е подготвен за премиерата на претставата „Клетници“ според делото на Виктор Иго, во режија на Мартин Кочовски која во петок премиерно ќе се изведе. Ова е комплексен проект во кој што е вклучен целокупниот тим на театарот, при што се опфатени 40 актери. Претставата „Клетници“ е работена според истоименото дело на Виктор Иго. Автор на драмскиот текст е Горјан Милошевски, драматург е Владимир Ѓорѓијоски, костимите, сценографијата и дизајнот на светлото се на Јулијана Војкова Најман, а музиката на групата „Фолтин“. Авторот на „Клетници“ Иго на создавањето на ова дело посветил неколку децении, ова е комплексен проект, историски настан вели Мартин Кочоски, режисер на претставата.
– Вистинска тема во вистинско време, бидејќи една од најважните теми е борбата за праведност, која е макотрпна и тешка, но и љубовта кон човештвото. Кога ова ќе се спои во една претстава станува многу комплицирано, а никој не се занимава со овие теми денес. Претставата „Клетници“ е уште еден доказ дека со прилепскиот театар работиме ангажирани теми, вели режисерот Мартин Кочоски.
Претставата трае 3 часа, но според некои од актерите може да се каже дека е „кратка“ со оглед на она што „Клетници“ може во суштина да понуди многу повеќе на уметнички план.
– Ова е голем залак за прилепскиот театар, но во исто време и европски проект, европски начин на размислување во контекст на актуелноста, зашто „Клетници“ е големо дело и дава простор на различни начини да се реализира. Ние го работиме она за што постоиме, а оваа претстава е токму тоа, вели актерот Владимир Ѓорѓиоски.
Претставата „Клетници“ е последна премиера на театарот „Војдан Чернодрински“ за годинава. Утре вечер ќе биде претпремиерата, а на 28 ми, во петок предноговодишно ќе се одржи премиерното издание.