Крушево и денеска живее со споменот на Тоше Проески. Втора година по ред, во организација на СОУ „Наум Наумоски Борче“, ултрамаратонците и велосипедистите, кои тргнаа од Нова Градишка, Хрватска, во Крушево беа пречекани со рози.
За патеката со рози се погрижија учениците, заедно со млади вработени во институции, угостители, компании и граѓани. Розите беа оставани на патеката каде поминуваа маратонците. Песните од Тоше се слушаа во секое чоше и улица на градот. Маратонците беа пречекани на влезот од градот, а групата се движеше по главната улица низ Крушево, до „Гумење“. Секој нивни чекор беше закитен со рози. Хорот при СОУ „Наум Наумовски Борче“ на починката пред влезот на градските гробишта, заедно со млади-љубители на песните на Тоше изведуваа негови песни.
Во ултрамаратонот учествуваа 10 учесници кои трчаа во чест на Тоше од Нова Градишка до Крушево. Дел од денешниот настан беаше и група од четворица велосипедисти кои со велосипеди ја поминаа истата релација.
-Девет спортисти успевме да се избориме со асфалтот, да го победиме да го совладаме со една цел – ЗА ТОШЕ! Тоше беше ѕвезда на земјата, сега е ѕвезда на небото, затоа ние ќе се трудиме да го зачуваме и да го продожиме неговиот лик и неговото дело.
Се трчаше штафетно, на некои делници се трчаше по 7, по 3 километри на Плетвар, затоа што во таа фаза нозете ни беа како тон. Многу беше тешко, но во нашите мисли, беше Тоше, неговите мисли, неговите рефрени, неговите хумани мисли, неговата големина, рече Наум Капричевски.
Маратонците патеката долга над 160 км ја започнаа во Хрватска каде велат дека дополнителен поттик му дале разговорите со поддржувачите на делото на Тоше.
– Замислете еден градоначалник на градот Загреб Милан Бандиќ, 12 години го поддржува овој настан. Втора година одиме во Загреб, на барање на мајката на Дражен Петровиќ, го посетуваме меморијалниот центар Дражен Петровиќ. Дражен беше најпопуларниот кошаркар кој загина на свои 28 години во сообраќајна несреќа. Сите, па и неговата мајка, го споредува со Тоше, кој имаше 26 години кога не напушти кога беше на чекор до светската слава.
Маратонците велат дека по телефонскиот разговор со Мирослав Рус, авторот на култната песна „Игри без граници“, тој рекол дека сеуште не може да собере храброст за да го посети Крушево и вечното почивалиште на Тоше, бидејќи и по 12 години не може да се соочи со болката.
Никола Џемоски, Христијан Јакимовски, Фидан Арсовски, Велко Орданоски, Саша Цветковски, Филип Филиповски, Александар Митевскки, Зоран Симоновски, Влатко Јанковски, Наум Капричевски, се маратонците кои се сегашни или поранешни атлетичари за трки до 5, 10 километри. Велат дека не би успеале без Влатко и Ангел, кои се нивниот стручен штаб за овој спортски подвиг во чест на Тоше.
Маратонците тргнаа од Нова Градишка на 14 октомвриво 15.30часот и минути. Трчаа низ Хрватска, околу 220 км, до границата со Србија, од каде што и годинава од неразјаснети причини не им било дозволено да поминат. Патеката продолжува од Табановце на 15 ти, од 14 часот со непрекинато трчање до Крушево.
– Во чест на големиот човек Тоше Проески ја извозевме комплетната патека од Нова Градишка до Крушево во должина од 980 км. Спомени до небо, по патот, средби на кои се потсетувавме на времето кога Тоше беше жив. Многу е убаво кога ќе се влезе во некој локал и ќе се видат сликите од Тоше Проески, кога ќе се слушнат по 50 негови песни, така што тоа треба да се доживее, за да се прераскаже. По патот дневно поминувавме 160 до 170 км, имаше ветар и дожд, возевме и на 3 степени, имавме истуркување од камион на патот, но желбата и мотивот се најважни вели велосипедистот Драган Јованов од Кавадарци кој возеше заедно со уште тројца пријатели патеката од Хрватска до Крушево.
На Гумење, утрамаратонците и велосипедистите беа пречекани од ученици, граѓани, фанови од велиот Балкан. Уредувањето на вечното почивалиште на Тоше, ќе се пролонгира за на пролет вели градоначалникот Томе Христоски, кој потенцира дека проектот е познат, средствата се обезбедени од министерството за култура.
И денеска се беше во знакот на големиот македонски син – Тоше Проески, непрежалената музичка и хумана легенда, ѕвезда водилка на младите генерации кои и овој тажен 16 октомври по 12 години му оддадоа достојна почит.
За кого –за Тоше!
ГАЛЕРИЈА :