Со објавата на општина Крушево за оттуѓување на градежно земјиште на скијачките терени Станич две фирми купиле седум парцели, градежно земјиште , а една парцела е продадена во крушевската индустриска зона „Опаленик“.
Парцелите на скијачките терени Станич се со големина од над 300 метри квадратни и тука ќе се градат објекти за услужни угостителски дејности.
Што се однесува до градежната парцела во индустриската зона „Опаленик“, од општината Крушево потенцираат дека станува збор за парцела од 22.261 метри квадратни. Оваа парцела е закупена за изградба на нови погони за производството од лесната и незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта.
Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, Крушево работи на инфраструктурните објекти и им дава можности на приватните стопанственици да ги развиваат туристичката и производствената дејност.
Општината се развива од повеќе страни. Од една страна се нашите инвестиции во инфраструктурата со средства од државни и од меѓународни фондови. Се градат патишта, резервоари за вода, канализации, градинки, се инвестира во туризмот, во јавната хигиена. Од друга страна е овој дел кој припаѓа на приватниот сектор со наша поддршка. Откупени се парцели за туристички и за комерцијални објекти на „Станич“ и со тоа зимскиот и авантуристички туризам продолжува да се развива, а со продажбата на парцела во индустриската зона се отвора патот за нови работни места, за производство и за дополнително раздвижување на локалната економија, вели Христоски.