Во Општина Прилеп денеска пристигна донацијата од 100 таблет компјутери, кое тетовското семејство Дестани преку компанијата „Еколог“, ги донира за учениците од социјално загрозените семејства.
Целта на донацијата е да го ублажи предизвикот на многу ученици, кои заради пандемијата мораат онлајн да ја следат наставата, но поради недостиг на соодветна дигитална опрема, не се во можност тоа да го направат.
Оваа донација е наменета за учениците кои заради недостаток на дигитални уреди, останаа надвор од образовниот процес. Една од најважните работи што заеднички можеме да ја направиме за време на кризата со Ковид-19, е да се осигураме дека иднината на оваа земја, децата, ќе ја продолжат наставата без пречки, вели Лазим Дестани, донатор .
Заблагодарувајќи му се на донаторот, градоначалникот Илија Јованоски рече дека станува збор за исклучително вредна донација, која ќе има големо значење за учениците од социјално ранливите категории.
„Со помош на донираните таблети, учениците ќе можат непречено да ја следат онлајн наставата, која заради неможноста да набават дигитална опрема, на еден начин ги остави надвор од образовниот процес. Од тој аспект, иницијативата и хуманоста на семејството Дестани добива на уште поголема важност“, истакна градоначалникот Јованоски, изразувајќи благодарност за донацијата.