Фестивалот на 21 август, утре вечер ќе го отвори Танцовиот колектив X Squared (Икс на квадрат), кои утре во 20 часот на платото пред Центарот за култура Марко Цепенков во Прилеп ќе настапат со „Парадоксот на Диоген“ на Томе Арсовски, кореографија Јована Зајкова и Бобан Русески, музика Тодор Скаловски.
Танчери за “Парадоксот на Диоген” се Јована Зајкова Бобан Русески Анастасија Данчевска Дејан Битровски.
„Икс на квадрат“ танцовата група се роди како реакција кон недостатокот на независна танцова сцена во земјата и потребата за развивање и градење на истата. Икс на квадрат е креативен микро космос кој има за цел симболично претставување на макро космосот (светот во кој живееме) со сите негови убавини и гадости.
Во рамките на фестивалот утре вечер од 22 часот на летната сцена од Центарот за култура Марко Цепенков следува концерт на Добрила Грашеска – вокал Дориан Јовановиќ – ут, кои ќе се претстават со новиот Албум Апокриф. Иако одамна се другари и соработници, Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ дури минатиот јули дојдоа на идеја да започнат со нов проект којшто го нарекоа Апокриф. Добрила и Дориан дуо (тим којшто е веќе познат како дел од Чалгија саунд систем) започнаа една „мека офанзива“ на амалгамизирање на гласот, утот, луповите и импровизацијата. Од една страна, Добрила пее македонски традиционални песни, истовремено играјќи си со тишината, но и импровизирајќи со мелодијата која е носена кон шумови и тонови, а од друга, Дориан свири на ут – инструмент со 12 жици, познат низ целиот Медитеран и создава лупови врз кои ги гради понатаму мелодиите и сопствените импровизации.
Фестивалот „Цело е кога се има 30“ во организација на Театар Чин 4 сцена 5 опфаќа исклучително богата културна програма која што публиката ќе има можност да ја проследи од 21 август до 5 септември во Прилеп и во Крушево по повод 30 години независност на државата.