На стартот од политичката кампања за локалните избори денеска свое обраќање имаше кандидатот за градоначалник за Прилеп од редовите на СДСМ, Горан Сугарески, кој воедно ја претстави и советничката листа. Тој ги потенцираше главните прашања врз кои се темели неговата изборна програма:
„Почитувани сограѓани, борбата за развиен и подобар Прилеп, секогаш била и ќе биде поголема од партиската, етничката, верската или било која друга припадност.
Во деновите на оваа изборна кампања,презентирајќи ја нашата визија за Прилеп, заедно со мојот тим ќе им пристапиме на младите, возрасните, работниците, земјоделците, стопанствениците, дуќанџиите и на сите други добронамерни наши сограѓани кои се спремни да се вградат во новата победа за Градот Херој.
Го имаме концептот „Најдоброто за мојата општина“, со кој Прилеп прераснува во посакувано место за живеење, со висок квалитет на живот и задоволни граѓани.
Најдоброто за Прилеп, значи општина со модерната и урбана инфраструктура, со нови бизнис можности, со силна зелена агенда за почиста животна средина, со ефикасна администрација, со реализирани младина и општа благосостојба.
Најдоброто за Прилеп, е концепт од граѓаните за граѓаните. Стратегија за развој на нашата општина, која ја базираме на потребите на граѓаните, на нивните идеи и размислувања за сето она што e најдобро за градот и населените места.
Во таа насока, како најважнии приоритетни проекти од мојата изборнапрограма, се:
- Уредување на влезовите во градот;
- Булеварски решенија на главните сообраќајници, реконструкција и изградба на патната инфраструктура и нови паркинг места;
- Кружен тек кај новата автобуска станица;
- Уредување на Градска река-Дабнички канал;
- Семеен парк Прилеп -зелена оаза за релаксација и рекреација;
Почитувани прилепчани,
Доаѓа време кога целото мое стекнато знаење и искуство, ги посветувам исклучиво на мојот роден град, на Прилеп и на прилепчани. Мојата животна филозофија е да обединувам, не да делам.
Ќе бидам градоначалник на сите граѓани. Граѓанинот ќе биде на првото место во мојата работна агенда. Во непосредна комуникација заедно ќе одлучуваме за сите прашање од интерес на нашата општина.
Од денеска па натаму, ценети мои сограѓани, официјално влегуваме во политичката битка во која ќе се вложиме максимално, ќе го понудиме најдоброто и ќе оствариме голема сенародна победа за сите нас, граѓаните на општина Прилеп, рече Горан Сугарески, кандидат за градоначалник на Прилеп од коалицијата Најдоброто за мојата општина предводена од СДСМ .